Македонија

Единаесет години од потонувањето на „Илинден“ во кој загинаа 15 туристи од Бугарија

Утре се навршуваат единаесет години од бродската несреќа што се случи на Охридското Езеро, кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија.

Предвидено е на утрешната комеморација на самиот ден на несреќата да присуствуваат делегации на Општина Охрид, на бугарските козуларни и културни претставништва во земјата, на Капетанијата на пристаништа и на Здружението на граѓани „5 септември“ како и граѓани на Охрид. Овојпат поменот на загинатите ќе се одржи пред новиот споменик, поставен во паркот пред каналот Студенчишта, поставен неодамна. Околу споменикот ќе биде новиот парк на розите.

Градежните активности ги изведува ЈП Градски гробишта.

За потсетување несреќата се случи на 5 септември 2009 година, во 10:30 часот.   Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.

Животот го загубија 15 бугарски туристи од вкупно  57 кои се возеа од Охрид кон Манастирот Свети Наум.

Кормилото на бродот го управуваше тогаш 23-годишниот капетан од Охрид.

Тој се соочи со мерка притвор веднаш по несреќата, а на 5 јули 2011 беше  осуден на една година затвор.

Висината на казната на Филески му ја олесни застапникот на бугарските државјани кои ја преживеаја несреќата. Тогаш беше образложено дека капетанот направил се што можел да спаси поголем број на патици жртвувајќи го сопствениот живот.

Потонатиот брод од мистериозните Охридски води беше извлечен на 19 септември, а и ден денес стои непоместен во близина на каналот Студенчишта и немо сведочи за трагедијата која потресе две земји соседи Македонија и Бугарија.

Инаку во Охрид има Спомен парк, во чест на 15-те бугарски туристи, кои загинаа при потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро. Иницијативата за изградба на овој парк беше на здружението „5-ти Септември“, а е финансирана од охридската локална самоуправа и Ротари клубовите од Охрид и бугарскиот град Пирдоп, од каде што потекнуваа  најголем дел од жртвите во несреќата.

 

 

 

На почеток