Македонија

Медицинските сестри во фокусот на одбележувањето на 11 септември, Брнз даруваше крв

Медицинските сестри оваа година се во фокусот на одбележувањето на 19 годишнината од трагичните настани на 11 септември во САД, во кои животот го загубија над три илјади лица. Со тоа, како што, истакна денеска американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз им се оддава почит на медицинските сестри, кои во 2020 година храбро се справуваат со пандемијата од Ковид-19.

Амбасадорката Брнз денеска даруваше крв, во рамки на заедничката иницијатива на Црвениот крст на град Скопје и Амбасадата на САД, а во соработка со Инстиутот за трансфузилогија, за дарување крв и донација на храна, која традиционално се одржува веќе 12 години.

-Овој ден го посветуваме на медицинските сестри, за нивната служба во 2020 година. Медицинските сестри играат клучна улога не само во терористички напади, во воени и кризни подрачја, подрачја погодени од природни непогоди, туку пред се оваа година и во справувањето со пандемијата со Ковид-19. Тие прават многу повеќе од пружање на медицинска помош, тие се вклучени во сите институции и медицински установи, обезбедувајќи безбедни протоколи, образование и скрининг, мониторинг и следење на текот на болеста, истакна Брнз.

Таа нагласи дека за таа цел следните денови на Фејсбук страницата на Амбасадата на САД секојдневно ќе бидат објавувани стории за медицински сестри во Скопје и во целата земја, за нивните искуства со пандемијата и за нивната служба во справувањето со неа.

На почеток