Скопје

„Гола месечина“ стартуваше со многу смеа и позитивна енергија

Фестивалот на комедијата „Гола месечина“ вчеравечер беше свечено отворен, а многубројната публика уживаше во забавната претстава „Чао пријатно“ во која глумат актерите Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, а свое обраќање имаше и директорот на НУ „Театар Комедија“, Сашо Ристовски.

„Гола месечина“ ќе трае до 3 октомври, а оваа година се одржува на фудбалското игралиште покрај детската градинка „Сонце“ во Реонски центар, според сите утврдени протоколи за организирање манифестации од отворен карактер.

Сите претстави ќе почнуваат во 20 часот, а вратите за влез на публиката ќе бидат отворени од 19 часот. Оваа година влезот е со карти, кои се бесплатни и во ограничен број, а нивното подигнување се врши од билетарницата на СЦ „Јане Сандански“ од 10:00 до 14:00 часот секој ден за претставите што се на репертоар за тој ден. Едно лице може да подигне две карти со лична карта за една претстава.

Вечерва на репертоар е претставата „Партија реми“ во која играат актерите Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ.

На почеток