„Како што беше најавено во текот на вчерашниот ден, кога започнавме со тестирање на Националната платформа за учење на далечина, овој процес е во тек и ќе продолжи интензивно да се одвива и во наредните денови“, соопшти Министерството за образование и наука.
Само во текот на вчерашниот ден, на Платформата се најавиле над 88 000 активни корисници.
„Истите придонесоа за успешно идентификување и дефинирање на предизвиците кои произлегуваат од оптоварување на Платформата во оваа фаза на нејзина имплементација. Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани, и е започната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на сервери (Серверите за базите со податоци (database servers); серверите за балансирање на оптоварување (load balancer) и серверите за опслужување на корисниците (web servers)).
Тестирањето продолжува и во текот на денешниот ден. Како резултат на истото, посочуваме дека е возможно повремено да добивате порака за грешка при поврзување со базата (error database connection), што е очекувано во предметната фаза на тестирање“, се наведува во соопштението.
Според МОН, овој процес ќе помогне не само за успешно ставање на Платформата во функција, туку и ќе поддржи изградба на интероперабилност помеѓу различните системи во рамки на Министерството за образование и наука, во насока на ефективно следење на секој ученик во текот на целокупниот процес на негово образование.
„Нашата крајна цел е не само да овозможиме континуитет на образовниот процес во вонредни околности, како што е тековниот со пандемијата со Ковид-19, туку да создадеме солидни темели за понатамошно унапредување на квалитетот на целокупниот образовен процес во земјата. Ве охрабруваме да продолжите со поврзување на Националната платформа за учење на далечина и во наредните денови, и редовно да ги следите новите содржини кои ги поставуваме на главната страница ). Продолжуваме посветено да работиме на подобрување на корисничкото искуство на сите корисници на Платформата“, додаваат од МОН.