Виз Ер Скопски маратон ќе се одржи на 4-ти октомври, во недела со истата патека, но со нов старт и цел, за да се испочитуваат мерките и протоколите за заштита од Ковид-19. Ова денеска на прес конференција го најави Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон, соопштувајќи дека оваа година со цел заштита на здравјето на сите, донесен е посебен протокол за одржување на најпознатиот и најстар спортски настан.
„Оваа година ќе имаме 1500 учесници во три трки: маратон, полумаратон и штафетен маратон „ЕУ за тебе“. И оваа година ќе имаме квалитетни натпреварувачи, како и досега, но поради пандемијата влезовите во државите се ограничени и оваа година ќе бидеме без натпреварувачите од Африка. Заради целата ситуација со вирусот Ковид-19, го променивме стартот и целта, кои што ќе бидат пред влезот на СЦ Борис Трајковски, а патеката е иста. Тоа е така затоа што тој простор ни дозволува да ги испочитуваме сите протоколи донесени специјално за маратонот“, изјави Синадиновски.
Прес конференцијата се одржа на терасата на хотел Парк, каде што свое обраќање имаше и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и Александар Кираџиев, национален првак во маратон во нашата земја неколку години по ред.