Македонија

(ВИДЕО)Пендаровски на првиот академски час: Користете го секој момент да стекнете нови знаења и вештини, да добиете информации и искуство

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на првиот академски час за бруцошите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Универзитетот Кирил и Методиј како најстар и широко реномиран академски центар во нашата земја, со децении продуцира кадри кои со своето знаење и вештини се конкурентни на пазарот на трудот и кај нас и во странство. Од Правниот факултет на УКИМ на кој и самиот имав среќа да го оформам моето високо образование излегуваат идните правници, адвокати, судии, политолози, новинари и политичари кои имале и имаат своја улога во процесот на трансформација на Република Северна Македонија во модерна, демократска и просперитетна држава.  Годинава станавме членка на најважната глобална безбедносна организација, а наскоро и формално ќе навлеземе во големата трансформација за да станеме дел и од Европската Унија, така што сето знаење и експертиза кои тука ги добивате, заедно со вашиот младешки ентузијазам и енергија ни се апсолутно неопходни, истакна меѓу другото претседателот Пендаровски. Тој додаде:

За жал, годинава пандемијата на Ковид-19 која од темел го измени нашето секојдневие диктираше и промени во  образовниот процес. И денешната свеченост е видоизменета согласно здравствените протоколи и прописи. Ја нема вообичаената атмосфера во студентскиот кампус, меѓутоа, животот мора да продолжи и сите ние мораме во од да се адаптираме. Користете го секој момент да стекнете нови знаења и вештини, да добиете информации и искуство. Споделувајте и комуницирајте, кога тоа не може да го правите со физичко присуство, користете ги новите технологии.

Како човек кој пред речиси 40 години поминал низ овие амфитеатри, можам да ви кажам дека пред вас се најубавите години од животот. Ќе учите, но и ќе се дружите меѓу себе. Секој од нас и ден денес ги памети најтешките предмети, најдобрите професори, но и сите згоди и незгоди од студентските години, истакна претседателот.

На почеток