Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП) вечерва со митинг во Ресен ја заокружи кампањата за претстојниот референдум на 30 септември.
На присутните им се обрати претседателот на ТХП, пратеникот Енес Ибрахим, кој во своето излагање уште еднаш ги потенцира придобивките од евро-атлантската интеграција, но и позитивните ефекти од добрите односи со соседите.
„На 30 септември имаме историска можност што не смееме да ја прокоцкаме. Тоа е влог за иднината на нашите деца, влог за иднината на нашата татковина. Повеќе од сигурен сум дека зрелоста што ја покажавме во 1991 ќе ја повториме и в недела, кога сите Турци од цела Македонија масовно ќе излезат и ќе гласаат за европска и просперитетна Македонија“, истакна Ибрахим.
Во текот на референдумската кампања, ТХП преку трибини, средби и митинзи низ повеќе градови и рурални населени места ги информира граѓаните од турската етничка заедница за важноста на референдумот што ќе се одржи в недела.