Македонија

Заев: Како членка на НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот, ги спроведуваме највисоките стандарди во борбата со насилниот екстремизам и тероризмот и во ресоцијализацијата на терористичките борци повратници

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се обрати на настанот на кој се презентираше Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства.

Обраќањето на премиерот Заев, испорачано во присуство на амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп, на заменик шефот на мисијата во Амбасадата на САД во нашата земја Џенифер Литлџон, на шефот на мисијата на ОБСЕ Клеменс Која, како и пред претставниците на Меѓународната организација за миграции (IOM), и на канцеларијата на Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, ви го пренесуваме во целост:

Борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја се во врвот на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија.

Република Северна Македонија, како член на Глобалната коалиција за борба против ИСИС и со потпишаните меѓународни договори, декларации и конвенции, како Заедничкиот Акциски план на ЕУ за борба против тероризам на земјите од Западен Балкан, работи во партнерство со нашите меѓународни пријатели на заштита на националната и регионална безбедност, како и на унапредување на човековите права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучувајќи ги и лицата кои станаа следбеници на радикални идеологии, одлучија да ја напуштат државата и заминаа да се борат на страната на Исламската држава на боиштата во Сирија и Ирак.

Со формирањето на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам и усвојувањето на Националните стратегии за спречување на насилен екстремизам и за борба против тероризам, Република Северна Македонија отворено ја демонстрираше заложбата за применување на таканаречениот широк владин и општествен пристап во борбата со насилниот екстремизам и тероризмот, во справувањето овие безбедносни феномени, вклучително и со феноменот на странските борци.

Владата на Северна Македонија феноменот на странски терористички борци – повратници го третира согласно меѓународните правни стандарди. Воспоставени практики и договори за законско, но во исто време и хумано постапување со оваа категорија на лица.

Можам да кажам дека сме задоволни како нашите институции досега се справуваа со феноменот на странските борци бидејќи истите беа соодветно правно процесуирани низ кривично-правниот систем и се соочија со предвидените затворски казни согласно нашиот правен систем.

Но, она што ќе биде предизвик во идниот период е да се процени дали начинот на кој што институциите ќе постапуваат со лицата кои отслужија казна затвор и членовите на нивните семејства и начинот на нивно прифаќање и интеграција назад во нивните локални заедници, ќе ги даде потребните ефекти во процесот на де-ангажирањето на радикализираните поединци, без притоа да биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на пошироката средина.

Затоа Владата минатата година ја формираше интер-ресорската Работна група за реинтеграција на странски терористички борци. Работната група доби мандат да изработи прецизен план за постапување на институциите при обезбедувањето на соодветен здравствен, образовен, психо-социјален, социо-економски, безбедносен и правен третман кон оваа категорија наши граѓани, водејќи притоа сметка да не бидат стигматизирани од пошироката заедница.

Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на нашите партнери и донатори од меѓународната заедница кои досега дадоа огромна поддршка на Владата и на Националниот комитет при имплементацијата на Националните стратегии за спречување на насилниот екстремизам и борбата со тероризмот. Се надевам на зајакната соработка и во полето на реинтеграција на странските терористички борци бидејќи тие би можеле да претставуваат безбедносна закана не само за Република Северна Македонија, туку и за поширокиот регион.

Сакам да му оддадам признание на Националниот координатор и на членовите на интер-ресорска работна група, за изготвувањето на планот кој е високо оценет од страна на тим од меѓународни експерти и кој овозможува солидна основа за интер-агенциско постапување на секој индивидуален случај поединечно.

Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства е усвоен во јуни 2020 година. Со планот се ре-афирмираат заложбите за градење на безбедно општество за сите и е преземена обврска да инвестира во примената на таканаречениот мек пристап во справувањето со феноменот на странските терористички борци-повратници.

Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи со поддршката преку обезбедување на неопходните услови за натамошна имплементацијата на активностите од овој Национален план.

Развивањето и примената на програми за реинтеграцијата, ресоцијализација и рехабилитација на странски терористички борци повратници, е предизвик и за далеку поразвиените западни општества, но се надевам дека нашиот модел за реинтеграција ќе ги даде посакуваните резултати кои после 2 или 3 години заеднички ќе ги поздравиме како позитивни, истакна премиерот.

На почеток