„Посебно задоволство ми е што првиот ден од Новата година сум тука со вас, во Крива Паланка и можам лично да ви ја честитам 2021 година и да ви посакам добро здравје, среќа и бериќет, а на сите граѓани на нашата држава подобра, посреќна и просперитетна година!“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, која ја реализираше заедно со заменик на претседателот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Според министерот Спасовски новогодишната ноќ на територијата на државата поминала мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, а на бесплатниот телефонски број во последното деноноќие биле регистрирани 22 јавувања од граѓани и девет пријави за организирана прослава по викенд-куќи и станбени објекти.
При посетата, меѓу другото, беше направен увид во реконструкцијата на објектот во кој е сместено ова полициско одделение, со што се остваруваат ветувањата за континуирано подобрување на условите за работа на полициските службеници.
Реконструкцијата и санацијата на градежниот објект беше завршена за само два месеца, а градежно-занаетчиските работи опфаќаа санација на кровната конструкција, комплетна замена на старите дрвени прозорци со нови ПВЦ прозорци, замена и санација на внатрешните врати, на подрумските и просториите за приведување, изработена е комплетно нова фасада и нов пристап за управните служби, каде е поставена е пристапна рампа за лицата со физичка попреченост, извршена е санација на санитарните чворови, заменета е старата со комплетно нова електрична инсталација, како и нов шалтер во дежурната просторија, извршени се молерофарбарски работи на целиот објект.
„Вредноста на споменативе градежни активности во процесот на реконструкција на објектот ориентационо изнесува 9.000.000 денари или нешто над 146.000 евра, а со особено задоволство ќе констатирам дека при изведбата на зафатите беа имплементирани и мерки за поголема енергетска ефикасност на објектот, а со тоа и поголеми заштеди, како и заштита на животната средина. Очекувам сето ова да придонесе за што поквалитетно професионално извршување на работните задачи и активности на вработените во ОВР Крива Паланка и уште поуспешни резултати во сите сегменти од нивната надлежност“, посочи министерот Спасовски.
Министерот Спасовски потсети дека во изминативе четири месеци се завршија реконструкциите на Полициско одделение Жеровјане, ОВР Кавадарци и ОВР Крива Паланка, во тек се реконструкциите на ОВР Гевгелија, Регионален центар Југ и Полициска станица Бит Пазар, беа промовирани и петте набавени пловни објекти за зголемување на ефикасноста на езерската полиција, а се набавуваат и униформи и опрема за полициските службеници, сѐ со цел создавање модерна, опремена, стручна и ефикасна полиција, која ќе биде блиска до граѓаните.
Заменик претседателот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски на работната средба во ОВР Кавадарци изрази огромна благодарност до сите кои пожртвувано, со месеци се бореа со пандемијата и се грижеа за безбедноста на граѓаните, до припадниците на МВР кои ефективно одговорија на сите задачи и овозможија максимална заштита и грижа за граѓаните на Република Северна Македонија.
„Како Влада, се грижиме за создавање подобри услови за работа. Се обезбедија средства за исплата на бонус плати за вработените во МВР за три години, а Буџетот за МВР за 2021 година целосно ги одразува заложбите за системско реформирање на полицијата, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата. 2020 година нѐ научи дека само заедно, со заеднички сили можеме да се бориме против големите предизвици. МВР со посебен оперативен план оваа година, и за време на новогодишната ноќ вршеше масовни контроли и околу почитувањето на мерките за спречување на ширење на коронавирусот“, рече Николовски.
Николовски посочи дека припадниците на МВР, во тесна соработка со Инспекцискиот совет, постапуваат по контрола, пријава или сознание секаде каде што на каков било начин се загрозува јавното здрваје и не се почитуваат здравствените мерки и протоколи.
„Преземаме јасни, недвосмислени чекори! Бескомпромисно, неселективно, и заеднички против секој еден кој го прекршил законот“, порача Николовски, посакувајќи добро здравје, успешна и спокојна година.
За време на посетата на ОВР Крива Паланка, делегација предводена од заменик претседателот Николовски положи свежо цвеќе пред споменикот на загинатите бранители од 2001 година.