Македонија

Царовска: Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој

Меѓународниот ден на образованието, 24 јануари, годинава се одбележува во време на пандемија што наметна целосно нови услови за одвивање на образовниот процес, но и предизвици во изнаоѓање на решенија за непречена настава и квалитетно образование. Министерството за образование и наука, МОН, продолжува силно да вложува во образованието и во подготвувањето на целосна нова реформа која ќе гарантира подобро и поквалитетно образование. Ова го посочи, меѓу другото, министерката за образование и наука Мила Царовска, во видео обраќање по повод денешниот Меѓународниот ден на образованието.

„Силно верувам дека новата концепција за основно образование е влез во нова ера на развој, раст и унапредување на идните генерации и влог во иднината на земјата. Правото на образование е основно човеково право, а квалитетното образование е основа за развој и просперитет на секое дете и на општеството во целина. Децата, нашите ученици се и нашите херои кои ни покажаа дека може да се постигнат резултати и при учење на далечина. Ни одржаа лекција за приспособување и прифаќање на променетите услови, за учење и просперитет и во вонредни околности“, изјави Царовска.

Според податоците на УНЕСКО, ковид кризата и затворањето на училиштата, универзитетите и другите образовни институции, како и прекинот на многу програми за доживотно учење и описменување, влијаеше врз животите на над 1,6 милијарди ученици во повеќе од 190 земји во светот. Во сите овие земји, вклучувајќи ја и нашата, образованието е во фокусот на обновата од влијанието на кризата, како клучен фактор за трансформацијата кон поинклузивно, побезбедно и одржливо општество.

На почеток