Спиро Ристовски во 2017 година немал никаква функција во ВМРО-ДПМНЕ, ова го потврдија повеќе сведоци на денешното рочиште за судењето за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Сведокот Зоран Коњановски, како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека Спиро Ристовски во 2017 година немал никаква функција во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи како што кажа Ристовски имал политичка дамка како поранешен член на ВМРО-НП.
Прашан дали бил член на вибер групи за комуникација меѓу функционери и членови, Коњановски рече дека бил и уште е дел од повеќе вибер групи, за размена на податоци, конкретно за проблеми во секторите во кои има познавање.
На прашање од обвинителката Русковска, дали Ристовски имал политичка дамка кога бил назначен за министер, Коњановски рече дека во владата на ВМРО-ДПМНЕ имало лица кои биле поранешни членови и на СДСМ.
Сведокот Давор Политов, кој во 2016-17 бил вработен во МОН, додека заменик министер бил Спиро Ристовски, рече дека на 27 април 2017 година требало да имаат заеднички настан со министерот Пиштар Љутфиу – посета на студентскиот дом Пелагонија.
Сведокот Ристов Драган, кој во 2016-17 бил претседател на општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ Делчевом, посочи дека немал контакт со Спиро и Миле за организирање на лица за протестите, како и дека на 27 април 2017 година бил во Делчево.
Билјана Трајковска, која во 2017 година работела во МОН, како шеф на кабинет на заменик министерот Спиро Ристовски, рече дека на 27 април 2017 година, само што се вратила од патување во Италија, си пишале со Спиро кога треба да се врати на работа.
– Ми кажа дека дента планира да го посети министерот Абдулаким Адеми, кој бил болен, изјави сведокот.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
извор: МИА