„За жал голем дел од постапките што ВМРО-ДПМНЕ ги прави во Собранието и надвор од него, се блокади, лажни вести и манипулации кои се опасни и штетни по државните и национални интереси, по интересите на граѓаните. Застануваат буквално против секој важен процес за државата, од напредокот во НАТО и ЕУ, преку борбата со коронавирусот, па еве деновиве гледаме дека се и против Пописот“, рече премиерот Зоран Заев во интервјуто за „Капитал“.
Заев подвлече дека Мицкоски се обидува да ги минира сите напори за развој на државата, но на другата страна се силната и отворена Влада заедно со македонските граѓани.
„Оваа, демократската страна веќе четврта година по ред ги победува ретроградните и опасни политики на Груевски и Мицкоски.
За сите прашања од интерес на граѓаните можеме да продискутираме, но тоа бара одговорно однесување, а не постојано повторување на мантрата „колку полошо за државата, толку подобро за ВМРО“. Ако имаат алтернатива нека ја покажат на конструктивен и аргументиран начин наместо со ситно политиканство да ја отежнуваат состојбата. ДПМНЕ има и обврска и одговорност да не ги блокира заеднички прифатените стратешки приоритети на нашата земја како што е членството во ЕУ, подинамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование, внатрешна кохезија, успешно и ефикасно справување со светската пандемија со КОВИД-19“, рече Заев.
фото: Влада