Квалитетот на сегашниот возен парк на јавното сообраќајно претпријатие воопшто не ги задоволува потребите на граѓаните, кои секојдневно мака мачат да стигнат до која било дестинација. Само седум години по набавката на новите украински и кинески автобуси, состојбата со возилата е очајна. Уште поочајни се патниците, кои сега мораат да се возат во старите зглобни и единечни автобуси, на кои веќе имаа заборавено. Од ЈСП не кријат дека нископодните автобуси набавени од Украина се во многу лоша состојба, додека, пак, постои проблем и со кинеските двокатни, пред сѐ поради непостоење на нивен овластен застапник, па автоматски не постои можност за сервисна и техничка поддршка во секое време.
Од таа причина на линиите каде што тие ќе застанат, се пуштаат старите зглобни и единечни возила. За да се обезбеди подобар квалитет на јавниот градски превоз веќе се најавува набавка на нови автобуси, на кои, пак, ќе имало дури и држачи за велосипеди. Во една своја изјава за алтернативен транспорт, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, напомена дека во постапката за набавка на новите автобуси предвидуваат автобусите да имаат и држачи за велосипеди. Граѓаните се шегуваат дека некои од возачите на ЈСП и сега ги оставаат патниците и им ги затвораат вратите пред нос, а не пак да ги чекаат да ги закачат своите велосипеди. Додаваат дека и нископодните автобуси кога се купуваа се зборуваше дека ќе имаат коси рампи, кои одлично ќе им дојдат на инвалидизираните лица, па со количка лесно ќе можат да влегуваат во автобус. Некои граѓани што со години користат јавен градски превоз велат дека досега не виделе некој од возачите да притисне на копчето за спуштање на косата рампа и којзнае зошто не се користат.