Адвокатката Марта Гусар на денешниот протестен марш за случајот „Јавна соба“, проговори за тоа како и таа била жртва на групата на Телеграм, а нејзиниот службен број бил споделуван меѓу членовите, објави Макфакс.
„Ми пристигнуваа пораки на Вибер каде ми бараа ‘дискретни средбички’. Откако беше споделен мојот број, во првите неколку часа не можев да се соземам, дека мене тоа ми се случува, а тоа може секому да се случи. Направив принт-скринови од пораките и телефонските броеви на Вибер и го пријавив за сексуално вознемирување. Јас сум адвокат и си ги знам правата. Во мојот случај, за два часа се најдоа сторителите, се најде кој го споделил бројот и оттаму апелирам до сите институции да постапуваат со еднаков третман кон сите. Јавна соба не е забава, туку класично кривично дело“, изјави Гусар.
Таа ги повика жртвите кои се соочиле со сексуално вознемирување веднаш да ги пријавуваат сторителите, да направат принт-скринови од сите разговори и повици.
На денешниот протестен марш организиран од Платформата за родова еднаквост, учесниците изјавија дека Јавна соба е кривично дело и побараа да се казнат лицата кои во Телеграм групата објавувале експлицитни фотографии, видеа и телефонски броеви од девојки, без нивна дозвола. Тие бараат законски измени во кои ќе се вметне интернет-вознемирувањето како кривично дело, а Јавното обвинителство да постапува навремено во однос на сексуалните вознемирувања на Интернет.
„Силувачот си ти“, „Држава што не постапува е држава што силува“, „Против култура на насилство“, „Обвинителство е јавна соба“, беа само дел од транспарентите кои в раце ги носеа учесниците на протестниот марш кој започна пред Министерството за внатрешни работи, а заврши пред Јавното обвинителство.