Актуелно

Лукаревска: 306 работодавачи зеле финансиска помош, а не им исплатиле плата на вработените

До 2 февруари на 13.160 работодавачи им е исплатено вкупно 961.709.306 денари за исплата на декемвриската плата на 60.974 вработени. Од нив, 306 работодавачи на 992 вработени не ја исплатиле платата, а земале финансиска поддршка во износ од 16.305.020 денари, изјави директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

„За овие работодавачи Управата за јавни приходи изготви и достави опомени и за неисплатената плата, а по истекот на рокот од опомената, против оние кои нема да ја исплатат платата ќе следи проведување постапка на присилна наплата на платата со блокада на паричните средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатните сметки за јавни приходи“, рече Лукаревска.

78 работодавачи се од дејноста трговија на мало, 44 фирми што вршат подготовка на оброци и служење храна и 26 фирми од дејноста градежништво.

Останатите компании се од дејностите транспорт, трговија на големо, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли и услужни дејности.

По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје – 92 фирми, Тетово – 63 и Гостивар – 16.

Лукаревска кажа дека по спроведените мерки и активности од страна на Управата за јавни приходи, намален е бројот на компаниите кои сè уште не ја исплатиле октомвриската и ноемвриската плата, и тоа за октомври е намалено од 179 на 11 компании, а во ноември од 245 на 24 компании.

Октомвриска плата сè уште не зеле 34 вработени, а во ноември 50 вработени. Кај овие компании во тек е постапка на присилна наплата на неисплатената плата од парични средства на трансакциска сметка.

фото: PRTSC

На почеток