Скопје

Еко-свест: Скопје не е загаден само во зима, туку и во лето, а секој има право на чиствоздух

Скопје со години е меѓу најзагадените градови во Македонија, а и на Балканот, а секој има право на ист и чист воздух. Оваа година аерозагадувањето повторно покажува критични бројки, особено во главниот град. Ова го посочуваат од невладината организација Еко Свест, кои 18 години апелираат за подобрување на односот кон животната средина како од државата, така и од граѓаните.

– Потребно е ние граѓаните да се бориме аргументирано со цел институциите да заземат поголем интерес во решавање на овој голем проблем. Тоа значи дека од институциите се бара стратегија за праведна енергетска транзиција, зелени алтернативи за транспорт, како и праведни законски регулативи за ефикасно загревање на домаќинствата, истакнуваат од Еко-Свест.

Согласно направената инвентаризација на суспендирани честички во 2016 та година од страна на Министерството за животна средина се заклучува дека трите главни извори на емисии на прашина се загревањето на домаќинствата и административните објекти – 43,66%, индустрија (производство) со 21,65% и производство и дистрибуција на енергија со 14,32%.

Што возиме, на какво гориво се возиме, каков превоз користиме, на што се грееме, што правиме со штетниот отпад, дали користиме обновливи извори на енергија, каква индустрија не опкружува, дали учествуваме во носење на одлуки важни за заедницата во која живееме, се главните прашања кои Еко-свест порачува да си ги постават граѓаните, но и надлежните институции за намалување на загаденоста на воздухот.

Еко-Свет континуирано работи на подигнување на свесноста на граѓаните за аерозагадување. Во земјава е потребно зголемување на свесноста на граѓаните за главните индикатори, последици по здравјето на човекот и животната средина, начин за подобрување и влијание на нивните секојдневни практики врз состојбата со амбиенталниот воздух, а тоа се реализира преку проектот „Овозможување на пат кон декарбонизација и заштита на животната средина, финансиран од Делегација на Европската Унија.

фото: Еко-свест

На почеток