Македонија

Објавена методологијата за спроведување на пописот

Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски денеска ја објави Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите, кој во земјава треба да се одржи во април.

Целокупната методологија е јавно достапна на веб-страницата на ДЗС, и во неа детално е опишано што ќе се попишува, во кој временски период, на кој начин и по која методологија.

„Граѓаните мора да одговорат на сите шеесетина прашања кои ќе им бидат поставени. Секако, голем дел од одговорите ќе ги извади самиот систем, користејќи ги базите на податоци. Единствените прашања на кои граѓаните нема да мора да одговорат се за етничката припадност, за религиската припадност и за јазиците“, изјави директорот Апостол Симовски.

Инаку, во рамките на подготовките за Пописот во 2021 година, ДЗС веќе спровел Пробен попис на населението во периодот од 14 до 30 јуни 2019 година и во моментов спроведува Тест-попис во периодот од 15 јануари до 15 февруари 2021 година.

Во однос на барањата за одлагање на пописот, директорот на ДЗС Симовски не сакаше да коментира, нагласувајќи дека е донесен закон со рокови за пописот што тие мора да го испочитуваат.

„Попишувањето на населението, домаќинствата и становите на целата територија на Република Северна Македонија ќе почне на 1 април 2021 година, во 8:00 часот наутро, а ќе заврши на 21 април 2021 година, во 20:00 часот“, се наведува во објавената Методологија.

За лицата што сакаат да учествуваат на пописот, а ќе се наоѓаат во странство, ќе има апликативно решение на веб-страницата на ДЗС. Апликацијата е готова и ќе биде ставена во функција на 1 март. Алтернативно, за овие лица во странство може друго лице да даде податоци, нагласувајќи дека не може да се даваат лажни податоци бидејќи ваквите податоци се и лесно проверливи. Услов за самопопишување на оваа категорија на лица, како и на членовите на нивните домаќинства/семејства е Единствениот матичен број (ЕМБГ).

Во однос на состојбата со ковид-19, Симовски рече дека е можно пописот да се одржи и надвор од становите, на отворено. Тој додаде дека ДЗС е обврзан да ги објави податоците од пописот во период од шест месеци по објавувањето на пописот, при што Симовски рече дека нивна цел е резултатите да ги објават за три месеци.

За спроведување на пописот ќе се користи нова пописна технологија со комбиниран метод, кој опфаќа теренско попишување со користење на преносни компјутери од попишувачите во комбинација со претпописна статистичка база со податоци од постоечките регистри во кои се користел единствениот матичен број (ЕМБГ) на граѓанинот.

„Со овој метод ќе се користат и претпописни бази на податоци од МВР, МИОА, Агенцијата за вработување, МОН, Агенцијата за катастар и многу други државни институции. Во пракса тоа значи дека попишувачите кои ќе одат на терен, ќе користат лап-топ компјутери, кои ќе бидат поврзани на посебно развиена веб-апликација“, објасни директорот на ДЗС.

Со претстојниот попис ќе се добијат податоци за локација на местото на живеење, урбани и рурални области на населението, како и за степенот на урбанизација и локацијата на местото на работа и школување. Со пописот ќе се соберат податоци за пол, возраст, брачна состојба населението и број на живородени деца. Економските карактеристики ќе го опфатат статусот на работната сила, занимањето, дејноста, работодавецот итн.

Попишувачите ќе соберат податоци за највисокиот степен за завршено образование на граѓаните, нивната земја на раѓање, државјанство, место на раѓање, припадност кон етничка заедница, религиска припадност, мајчиниот јазик и јазикот на кој се зборува во домаќинството. Пописот ќе опфати и прашања во врска со инвалидитет на населението, карактеристики на домаќинствата и семејствата, попис на земјоделските стопанства и на живеалиштата, становите и условите за домување.

фото: ДЗС.

На почеток