Претседателот пак на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев за Скопје 1 вели дека генерално, актуелните недоразбирања во ВМРО-ДПМНЕ се внатрешна партиска работа кои треба да се надминат во постапка пропишана со внатрешните акти на таа партија. Но, она што загрижува се луѓето кои ги гледаме во т.н. Иницијативен одбор за свикување на вонреден Конгрес во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, станува збор за личности со непристоен пазар од Заев – слабеење пред локалните избори на ВМРО-ДПМНЕ во замена за слобода и функции во некое идно време во партијата и во државата.
„Во тој т.н. Иницијативен одбор имаме една мешавина од криминалци, почнувајќи од најголемиот Сашо Мијалков и уште неколу негови послушници кои се збогатија во негово време, една група ситни слуги и потрчковци на Мијалков на кои им се ветени функции во партијата и во државата во некое идно време, кое, за нивна жал, никогаш нема да се случи и се разбира, тука се и 8-те одметнати и купени пратеници кои го извршија едно од најголемите национални злосторства и предавства во поновата македонска историја со уставните измени за бришење на се што е македонско.
Скандалозно е што Заев наместо да го конфискува украденото во милијарди евра на бандитите од т.н. иницитивен одбор, ги пушта по задача да рушат партии, а за кое нешто мислевме дека е веќе минато во демократска Македонија, бидејќи, не е веќе тајна дека во изминатите 30 години се формираа и рушеа партии по задача и за време на власта на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
Се на се, жално, тажно и срамно е што луѓето од т.н. иницијативен одбор на кои партијата ВМРО-ДПМНЕ кога беше на власт им пружи практично се во животот: функции, престиж, од голтари ги направи богаташи… го допреа дното – станаа слуги на Заев за слабеење на опозицијата во едно битно време во битката против фалсификување на пописот со кој се руши темелот на државата. А ние наивно сме верувале дека Мијалков и неговата криминална дружина откако натрупаа огромни богатства, како и 8-те одметнати и купени пратеници, сите топтан ќе се тргнат од очите на народот повеќе да не ги гледа. Па, тогаш, кој ќе одработува за Заев и ќе ги руши Македонија и Македонците“; вели Бачев за Скопје 1.
фото: Архива