Во вечерашното издание на дебатната емисија “360” на Телевизија Алсат гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Александар Николоски кој се осврна на моменталните политички случувања, како и на барањето од иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28-ми март.
Неколку поранешни лица од ВМРО-ДПМНЕ соработуваат со Заев и преку Центарот за комуникации на СДСМ прават дефокус од вистинските теми, вели Николоски.
Николоски вели дека најважно прашање е дали во земјата ќе стигнат вакцини до 28-ми март, а не дали ќе се одржи некаков конгрес. На јавноста и е јасно дека неколку поранешни соработници од ВМРО-ДПМНЕ, сега веќе блиски на власта, работат заедно со Центарот за комуникации на СДСМ и прават дефокус на јавноста од реалните проблеми кои ги имаат граѓаните.
Во однос на локалните избори и можните листи од страна на иницијативниот одбор, Николоски потенцираше дека Република Македонија е демократска држава и како таква треба да пружи шанса на секој кој мисли дека заслужува доверба од граѓаните или на секој кој смета дека може да освои гласови.
ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија која што и во минатото и сега дава шанса на секој кој сака да помогне во борбата за подобра и поуспешна Македонија. Така и овој пат, секој кој смета дека може да се вклучи во битката за пад на оваа ненародна власт е добредојден, а секој кој смета дека треба да е на спротивната страна, тоа е нивно легитимно право, истакна Николоски.
ВМРО-ДПМНЕ на последниот Централен комитет донесе одлука за одржување на конгрес на партијата на крајот на месец ноември 2021 година. Тоа значи дека сите други информации во однос на вонреден конгрес се на шпекулативно ниво и не можат да се земат како сериозни изјави, заврши Николоски.
фото: prtsc Телевизија Алсат