Актуелно

Националниот Блок „Не отворам врата“ поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на членови од Законот за попис

Националниот Блок „Не отворам врата“ денес, среда, 24.02.2021 до Уставниот суд поднесе Иницијатива за уставна оценка на одредби од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година.

Во изјава за јавноста претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев како дел од Националниот Блок „Не отворам врата“ рече:

Правно гледано, денес пред Уставниот суд ги оспоривме член 8 став 1, член 34 став 1 и член 51 од законот за попис кои не се во согласност со член 7, член 8 став 1 алинеа 1, 2 и 3, член 9 став 1 и 2, член 16 став 1, член 19 став 1 и 2, член 39 став 2 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Во член 8 став 1 од Законот за попис се пропишува дека за лицата кои се на привремена работа или престој во странство податоците за нивни етнички и религиозни карактеристики ќе ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати.

Меѓутоа, етничката и религиозната припадност е лично право на секој поединец и не може никој друг во негово име да ги дава овие определби. Овие определби се едни од најчуствителните прашања и никој со ништо не смее да влијае врз лицата во давањето на одговорот на ова прашање при пописот. Станува збор за строго лична работа, за составен дел на приватноста. Дури, одредено лице може од приватни причини и да не се изјасни по овие прашања или во однос на религиската припадност да се изјасни дека е атеист, односно, не е верник. Според тоа, овие определби не може да ги дава трето лице, на пример, комшија, другар, роднина…. Граѓаните не може да се дискриминираат на начин што за врема на попис некој друг ќе им ја определува етничката и религиозната определба по основ на уставно непознати термини кои се користат во оспорената одредба во смисла податоци за етничките и религиозните карактеристики да се даваат според формулацијата во законот „полнолетно лице на кого најмногу му се познати“.

Понатаму, го оспоруваме член 34 став 1 од законот со кој е пропишано дека пописот ќе се спрорведе на 7 јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.
Според амандманот V од Уставот, на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговотo кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така е службен јазик и неговото писмо како што е определено со овој амандман во контекст на употребата во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот. Оттука, обврската пописот да се спроведува на седум јазици нема своја уставно-правна основа.

Исто така го оспоруваме и член 51 од законот каде е пропишано глоба во износ од 200 до 300 евра за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот.

Имено, граѓанинот има обврска да се грижи за сопственото здравје и здравјето на другите. Во оваа насока, на 11 март 2020 година, Светската здравствена организација прогласи глобална пандемија на болеста КОВИД – 19 предизвикана од новиот коронавирус САРС-КоВ-2, а кое нешто Република Македонија како членка на СЗО е во обврска да го почитува. Во Македонија е прогласена кризна состојба заради заштита на јавното здравје, односно, справување со кризна состојба која претставува ризик по здравјето и животите на луѓето. Оттука, во услови на пандемија, посетата на т.н. попишувачи кои посетуваат бројни домови од својот пописен реон кој опфаќа повеќе општини (во државата има 80 општини а според законот има 50 пописни реони) е директна закана по здравјето земајќи предвид дека општо познато е како се пренесува вирусот.

Затоа, парична санкција за недавање на податоци преку одбивање на средби во своите домови заради заштита на сопственото здравје и здравјето на другите е во директна спротивност со уставната обврска за заштита на здравјето.

За крај уште да спомнам дека со оглед на фактот што оспорените одредби се однесуваат на попис што треба да се одржи од 1 до 20 април 2021 година, а со цел спречување на настанување тешко отстранливи последици, му предлагаме на судот врз основа на член 27 од деловникот на Уставниот суд и начелото на приоритет до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот акт.

Верувам дека уставните судии ќе бидат на висината на задачата и ќе донесат одлука за поништување на оспорените одредби од законот за попис – потенцираше Бачев.

фото: Единствена Македонија

На почеток