Поради коронавирусот, се одложуваат сослушувањата на осомничените Лидија Димова, Александар Гочев и пензионираната благајничка Ана Павлиду, кои се гонат за проневери на европски пари преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вели дека постапката е во тек, но оттаму не прецизираат дали истата ќе се прошири и на други лица, како и дали во скоро време ќе биде поднесено обвинение. Според сознанија на „А1он“, причината што досега не се ислушани сите осомничени е решението за изолација кое го добиле Димова и Павлиду.
„Истражната постапка за која покажувате интерес е во тек и е согласно законскиот рок предвиден за истрага. Освен прибирање материјални докази до сега е сослушано едно од осомничените лица, додека сослушувањето на другите две осомничени лица беше одложено поради примена на здравствените прописи. Овие осомничени ќе бидат сослушани откако надлежниот обвинител ќе добие потврда за нивната здравствена состојба и способност да дојдат и да дадат исказ“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „А1он“.
Досега, од осомничените исказ пред обвинител даде само Зоран Златковски, сопственик на фризерницата „В.Е.З. Трејд“, која доби над 270.000 евра пари за едукација. Но, исплатата на парите е стопирана од новиот директор Марко Ѓоргиески. Освен Златковски, неофицијално, исказ во Обвинителство давале и соработници на Националната агенција, кои се поврзуваат со апликациите на Златковски, односно „В.Е.З. Трејд“. На сите осомничени лица, освен Павлиду, им се одземени пасошите со одлука на кривичниот суд.
Текстот во целост на: „А1он“.