Македонија

Османи во Рим се сретна со иселеници, пописот главна тема на средбата

Во рамки на работната посета на Рим, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средби со повеќе наши граѓани, како и со претставници на повеќе здруженија на дијаспората на Република Северна Македонија во Италија.

Се разговараше за различни теми од интерес на дијаспората, за нивните загрижености, потребите, но и за можностите за унапредување на комуникацијата со државата, можностите за унапредување на достапноста на услугите кои ги користат граѓаните во странство, како и потенцијалите за нивно враќање во Северна Македонија.

Секако посебен акцент на средбата беше ставен на спроведување на Пописот 2021, кој од 1март оваа година, се спроведува за оваа категорија на наши државјани.

„Ова е за прв пат да се спроведе операција за попишување и на дијаспората, што претставува дополнителен предизвик, но и обврска да имаме успешен процес. Стекнувајќи се со правилни податоци, ние ќе добиеме вистинска слика за бројноста и распоредот на нашите граѓани во странство, што ќе овозможи да ги креираме и политиките со кои ќе овозможиме поквалитетни услуги и за претставниците на нашата дијаспора.“, истакна Османи, информирајќи ги нашите граѓани за деталите и можноста да се само-попишат, или самостојно да се регистрираат, преку он-лајн апликацијата изготвена од Државниот Завод за Статистика.

„Сите капацитети на Амбасадата во Рим и Конзулатот во Венеција, Ви се на располагање. Попишувањето е лесно, едноставно и брзо, достапно на осум јазици, меѓу кои и македонски, албански и англиски. Ние отворено ја бараме и очекуваме вашата поддршка за да ја пренесеме информацијата до нашите граѓани во странство за важноста на овој процес. Отворивме и активни телефонски линии кои се поставени на веб страната на Министерството за надворешни работи, а кои се соодветно опремени и со современите дигитални алатки како што се Вајбер и Ватсап, за полесен пристап од било каде и од било кого“, истакна Османи.

Во рамките на средбите Министерот информираше и проектите кои Министерството за надворешни работи ги презема за унапредување на комуникацијата со дијаспората, како што е проектот „Е-конзулат“ со кој се предвидува дигитализација на поголемиот број услуги кои им се од важност за нашите граѓани кои се наоѓаат во странство.

На почеток