Коментари

Асани: Ја разбирам болката на семејството и родилката, но не направив никаква грешка во случајот

Директорот на струшката болница, Мухамед Асани, се огласи на „Фејсбук“ откако вчера министерот за здравство Венко Филипче го разреши од функцијата поради случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска која при породувањето во Струга остана без бубрег, матка и јајник.

Во меѓувреме формирана е петчлена комисија на барање на семејството на родилката, којашто ќе треба да утврди дали биле направени пропусти при породувањето.

Асани пишува дека дека во текот на неговата работа во случајот со родилката немало ниту една грешка.

„Во врска со случајот од Дебар, ја разбирам болката на семејството, но треба да знаат дека во тек на мојата работа немало ниту една грешка. Жалам што пациентката се соочи со една таква компликација, но после интервенцијата целата состојба им беше објаснета на семејството и текот на операцијата. Целата медицинска документација им ја предадов на авторитетите и ќе го почитувам секој нивна одлука“, пишува Асани, додавајќи дека неговата совест е мирна.

Тој тврди дека состојбата со пациентката се искомплицирала во петтот постоперативен ден. Во операциона сала влегла екипа од двајца гинеколози, двајца хирурзи и двајца анестезиолози, секој работејќи на својата област.

„После една екстремно тешка и вонредна работа, која траеше цели 8 часа, успеавме да и го спасиме животот на пациентката. Сакам да нагласам дека гинекологот не вади бубрег. Констатација од некои портали и индивидуи кои или тенденциозно го прават тоа или немаат поим што значи медицина. Бубегот е изваден од страна на хирурзите кои во моментот имале индикација за тоа, зашто само на тој начин можело да го спречат крварењето кое потекнувало од таму ( сето ова е се документирано)“, пишува Асани.

Потоа пациентката била препратена на карил за интензивен мониторинг и понатамошна евалуација. При прием на пациентката, лекарите и специјалистите од таа Клиника ја оцениле нивната работа максимално професионално завршена, додава Асани.

фото: ФБ Мухамед Асани

На почеток