Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, пред два дена давала исказ за случајот со бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Предметот за тоа дали постоело бегство го води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, а надлежна обвинителка е Ленче Ристоска. Русковска информацијата дека давала исказ ја соопшти денеска во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
„Знам дека колешката Ленче Ристоска го води тоа. Во четвртокот имаше исказ и од мене и од истражителите кои го лишија од слобода. Така што, за повеќе информации треба да се обратите до нејзе“.
Русковска и денешното гостување ги повтори причините зошто не бил побаран притвор за Мијалков кога се даваа завршните зборови за предметот „Таргет-Тврдина“ во кој тој доби 12 години затвор од првостепениот суд.
„Во завршните зборови немавме законска основа да побараме притвор, затоа што Мијалков ги почитувал мерките, се јавуваше на секое рочиште. Тоа е една страна, а од друга страна доколку тогаш би побарале притвор би прејудицирале пресуда и од тие причини во тој момент немавме законска можност да побараме притвор, а кога ние побаравме во неделата, судот не му одреди притвор, туку куќен притвор затоа што имавме непотврдени информации“, рече Русковска.
фото: Архива