Доктори од болницата ,,Аџибадем Систина’’ со отворено писмо реагираат на притворот на Јордан Камчев оценувајќи дека судските мерки изречени кон него се престроги и дека тој и е потребен на болницата за да продолжи да работи.
„Се обраќаме во името на колективот на најголемата приватна клиничка болница во земјата ,,Аџибадем Систина’’ која е дел од најголемата групација на болници во Југоисточна Европа „Аџибадем“ и дел од вториот најголем синџир болници во светот, малезиската групација IHH.
,,Аџибадем Систина’’ е болница која вработува повеќе од 1100 луѓе, која располага со најреномираниот тим од 200 врвни специјалисти, дел од нив и универзитетски професори како и останат медицински и технички персонал кои придонесуваат за врвната услуга која ја нуди болницата на пациентите.
Придонесите на Клиничката болница ,,Аџибадем Систина’’ и нејзиното значење за целиот здравствен систем во земјата се и повеќе од евидентни. Истите особено се изразени и континуирано се дополнуваат во ковид периодот каде што болницата со сите свои ресурси и капацитети се обидува да им излезе во пресрет на сите граѓани кои имаат потреба. Покрај целосната посветеност кон активностите поврзани со ковид во болницата и отворањето на инфективниот оддел во кој со врвен тим на инфектолози и останат медицински персонал се нудат најсовремени методи при грижата за пациенти заразени со вирусот, во текот на за сите особено предизвикувачката 2020 година како дел од ,,Аџибадем Систина’’ беше отворена и новата Педијатриска болница, единствена во регионот која ги содржи сите педијатриски супспецијалности и е распространета на 4.000 квадратни метри, а во нејзиното работење се вклучени 210 врвни професионалци.
,,Аџибадем Систина’’ само во текот на 2020 година инвестираше близу 10 милиони евра во најсовремена технологија со што нејзиниот имиџинг – дијагностички центар е опремен со најновите достигнувања во дијагностичка опрема кои нудат квалитетна, брза и прецизна услуга на пациентите.
Во периодот кога јавните здравствени установи беа оптоварени со притисокот од ковид кризата, ,,Аџибадем Систина’’ ги отвори вратите и за младите, идни доктори и со пионерскиот проект во државата Академска пракса ,,Аџибадем Систина’’ на 100 студенти, потенцијални доктори им обезбеди пракса со врвни услови и можност да учат од најдобрите доктори во најголемата и најсовремена приватна болница во земјата.
Сето тоа е по заслуга и насоки на Јордан Камчев, како дел од највисокиот менаџмент на КБ ,,Аџибадем Систина’’. Неговите директни заложби во функционирањето на болницата не се само од аспект на Претседател на Одборот на директори на болницата тука и од аспект на припадност во големото семејство и тимот на ,,Аџибадем Систина’’. Камчев покрај тоа што е движечка сила и поддршка на сите проекти во болницата тој е и мотивација за сите нас кои сме дел од тој тим.
Со оглед на тоа, тековната ситуација поврзана со Камчев неминовно влијае и на сите секојдневни активности и сериозни проекти кои тој ги има иницирано и со кои раководи во КБ ,,Аџибадем Систина’’ . Во тек се многу големи чекори кои тој ги спроведуваше, а доказ за тоа е дека само еден ден пред неговото приведување по негови насоки, согледувајќи ги сериозните потреби на граѓаните, итно и вонредно беше проширен капацитетот за хоспитализација на ковид – пациенти во болницата, со што покрај комплетно опремување и функционалност на новиот, дополнитен ковид центар се реализираа и нови вработувања на медицински персонал – двајца специјалисти инфектолози, доктори специјалисти за интерна медицина, пет доктори по општа медицина и нови 15 медицински сестри.
Јордан Камчев е директно потребен за реализација на голем број на активности во Болницата, а престрогата мерка притвор е сериозно попречување на секојдневното работење.
Целосно ги поддржуваме и охрабруваме сите правни процеси на институциите кои се во насока на донесување на правични судски одлуки. Со оглед на тоа дека за г-динот Камчев се веќе преземени други мерки за обезбедување – одземање на патни исправи и обезбедување со капитал и истите тој во целост безусловно ги почитува и редовно се јавувал на сите покани во судот сметаме дека моменталните мерки кои се применуваат за Камчев се неразумни и престроги и индиректно влијаат и на вработувањето на повеќе од 1100 луѓе во КБ ,,Аџибадем Систина’’. Бараме, додека судските постапки се сѐ уште во тек, при донесувањето одлуки за г-динот Камчев да се земат во предвид сите овие факти за неговата неопходна присутност во КБ ,,Аџибадем Систина’’, стои во овореното писмо на докторите.
фото: Архива