Коментари

Вакцинална војна: Дали “астра зенека” чини или не чини, зошто се сее страв и паника?

Мислам дека како новинари, посебно ние кои информираме на дневна основа, во оваа „вакцинална војна“ исправени сме пред еден од најголемите предизвици – како да информираш, а да не создадеш паника, како да пишеш нешто, кога пред само 20 минути си објавил нешто дијаметрално спротивно, како да известуваш објективно при толку различни информации?

Сакаш да знаеш дали АстраЗенека е безбедна? Ако сакаш позитивен одговор, отвори британски медиум. Ако сакаш негативен, отвори германски. Ако сакаш да се збудалиш, гуглај, па отворај ги сите. Ако сакаш да се здрвиш од страв, напиши „deaths from vaccines”, напиша на својот ФБ профил новинарката Мери Јорданоска.

Јордановска во објавата додава:

Ние се збудалевме, на пример, и признавам дека со тоа ги збудалевме и граѓаните.

Соочени со предизвик, да не можеш да провериш информација, затоа што доаѓа од други држави, затоа што е научна, медицинска, надвор од нашата експертиза и надвор од секаква можност за проверка, па оттаму на дневна основа се објавува: Вакцината XXX e безбедна; Девојка е во кома откако ја примила првата доза од XXX; Вакцината XXX повлечена од употреба во Швајцарија; Вакцината XXX e со 90% ефикасност, ве штити од смрт од Ковид; Вакцината XXX можат да ја примат сите; Вакцината XXX забранета за лица под 65 години; Вакцината XXX забранета за лица над 65 години. И сето ова, објавено во релевантни медиуми, и поткрепено со изјави од експерти, па дури и со истражувања… за една иста вакцина.

И сето ова, го впиваме ко сунгери. Го впиваат и читателите.

Еднаш еден доктор, подавајќи ми ја рецептата, ми рече: „И фрли го упатството веднаш, оти те знам, ќе ги имаш сите нуспојави. Најголемата мака ја имаме со пациентите како вас, кои доаѓаат овде со прочитана литература, нешто разбрале, нешто не доразбрале, ама мислат дека знаат повеќе од нас. Најлесно поминуваат пациентите кои нè слушаат, и постапуваат по тоа, by the book“.

Во сиот овој наплив од контрадикторни информации во моментов, нема друго, освен да се употреби овој метод. Сите во себе имаме одговор дали ќе примиме вакцина против Ковид-19 или не. Оваа корона-криза покажа дека во државата има стручни луѓе кои се секогаш тука да помогнат, па макар и на социјалните мрежи. Одберете кому ќе верувате и во што ќе верувате во оваа Трета светска војна за профит, пари и политичка моќ и држете се до таа одлука. Се разбира, освен доколку не се смени нешто значајно на глобален план. И постапете по тоа, без многу истражувања на своја рака кои не ги разбирате докрај. Тоа носи страв и паника, а на крајот и неможност, целосна парализираност, при носењето на одлуките.

За првпат ми се случува да кажам дека во моментов има повеќе вистини, зависно од тоа кое истражување ќе го отворите, кој медиум ќе го прочитате, чија изјава ќе слушнете. Не знам дали ќе доживееме да ја дознаеме целата вистина во оваа геополитичка војна каде политиката и парите се примарни, а потоа следува здравјето, но знам дека најдобро е човек да се држи до оние во кои верува – но, гледајте тие да бидат стручни лица, а не квази експерти на Youtube и на Фејсбук.

извор: ФБ Мери Јорданоска

На почеток