Скопје

Град Скопје поведе постапка до ДКСК против поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски

Град Скопје поведе постапка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) против поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски.

Градските власти во барањето наведуваат дека се работи за случај на прекршување одредби од склучен договор исплатен од Буџетот на Град Скопје со цел водење политичка кампања за локални избори. Постапката е поведена минатата недела.

-Откако минатата недела ВМРО-ДПМНЕ обвини за корупција во Договорот со дроновите, ги пребаравме сличните договори што ги склучувал Градот и видовме дека во 2017 година Градот склучил петпати поскап договор од оној во 2016 година. Клопчето почна да се одмотува. Разгледувајќи ги доставените материјали забележавме дека ни се познати и ги најдовме кадрите дека се користени во изборен спот на ВМРО-ДПМНЕ, на Коце Трајановски, велат за МИА од Град Скопје.

Градските власти истакнуваат дека засега немаат информации за други или слични случаи и додаваат оти не се истражен орган.

-Кога ќе увидиме некоја потенцијална криминална активност, тогаш пријавуваме. Ќе продолжиме да бараме дали и други ресурси на Градот се користени во изборни цели на политички партии и ако е тоа така, веднаш ќе пријавиме, информираат за МИА од Град Скопје.

МИА за ова побара став и од поранешниот градоначалник на главниот град, Коце Трајановски, кој смета дека се работи за негова политичка дискредитација.

-Ниту јас, ниту Град Скопје, односно институцијата со која раководев до октомври 2017 година не го нарачала, ниту изработила тој спот и се што сум работел до крајот на мандатот било согласно законските прописи. Затоа за бараните информации треба да се обратите кај тој што го изработувал тој видеозапис. Очигледна е намерата на актуелната градска власт за моја политичка дискредитација во недостиг на исполнување на ветувањата за кои беа донесени на власт, стои во писмената изјава на Трајановски.

Извор: МИА

На почеток