Општина Центар веќе неколку години прави напори навремено да ги информира граѓаните за своите активности, со овозможување на полесен и побрз пристап до податоци. Оттука, општината е првата општина во Македонија која го воведе Географскиот Информациски Систем (ГИС) и од воведувањето, услугата е достапна и корисна за сите заинтресирани кои сакаат да се информираат за урбанистичкото планирање на општината.
„ГИС порталот на Општина Центар ги содржи сите важечки детални урбанистички планови и овозможува графички преглед и пребарување на просторните податоци. Покрај деталните урбанистички планови, градежните и катастарските парцели, постои можност за пребарување по слоеви на градежни и катастарски парцели. Во зависност од потребата, слоевите можат да се вклучуваат или исклучуваат.
Со ГИС порталот се овозможува детален преглед на деталните урбанистички планови: намената на градежните парцели, површината за градење, катноста, процентот на изграденост, изработувачот на планот, годината на донесување, но и можност за нивно превземање во .dxf формат.
Со само неколку чекори, ГИС порталот овозможува директно учество во постапката за изработување на деталните урбанистички планови. Регистрираните корисници на порталот можат навремено да бидат информирани за деталите околу организирањето на јавна анкета за конкретен детален урбанистички план.
Алатка за внесување на точки од интерес
Со примена на ГИС порталот се олеснува пристапот до податоци на граѓаните, а воедно се заштедува и времето потребно да се дојде до потребна информација со која располага оваа технологија.
За поголема транспарентност пред граѓаните, општината работи на надградување на ГИС порталот со податоци за урбаната опрема: улично осветлување, канти, клупи, шахти и слично, со што ќе се овозможат поголеми и подобри услуги, подобрена и побрза комуникација со граѓаните, но и поголема ефикасност во работењето на службите на општината.
Подетални информации за регистрирање и користење на услугата има во приложеното Упатство за ГИС ПОРТАЛОТ на веб страната на општината: centar.gov.mk.