Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција продолжи да објавува пасоши, за кои тврди дека се издадени од МВР на лице осомничени за убиство и водач на нарко картел. Според Николоски, едниот пасош е издаден во 2019 година, а за другиот не посочи конкретен датум. Тој објасни дека двата пасоши се со лажен идентитет.
„Црногорски атентатор се сликал со македонски пасош, отишол во Украина, извршил атентат, каде што е фатен со македонски пасош. До нас стигнаа нови документи за пасоши на криминални структури, за кои што би сакал да проговориме и да информираме. Поставувам јавно прашање, дали македонски пасош издаден од МВР имал и водачот на познат нарко картел од Алабанија? МВР во регуларна постапка, на 17 јули 2019 година му издала македонски пасош со број ‘Ц1265083’ и на шефот на нарко клан од Албанија, Флоријан Мусај, со позајмен идентитет Наум Фило, роден на 22 јануари 1986 година. Медиумите нека истражат кој е човекот и што претставува. Само неколку информации, Мусај станува познат во 2018 година кога против неговиот нарко картел во меѓународна соработка помеѓу полициските служби на Германија, Италија, Холандија и Албанија се откриени 91 килограм кокаин, во вредност од 20 милиони евра и огромна дилерски структура низ сите овие држави. Според информациите кои ги добивме, по добивањето на пасошот во 2019 година, Мусај непречено патува низ повеќе европски државни, за во октомври 2019 година пристигне во Јужна Америка. Мусај користијеќи го македонскиот пасош со позајмен идентитет на име Наум Фило, најверојатно патувал низ повеќе држави на Европа и Јужна Америка“, кажа Николоски.
Според потпретседателот Николоски, МВР нема потерница по ниту еден од мафијашките босови кои имаат лажни македонски пасоши. Тој прашува: „Зошто МВР не проверува какви банкарски сметки имаат овие луѓе во земјава, дали се переле пари од нив, зошто не се повикани на разговор луѓе од власта кои се сликаа со овие нарко босови?“.
„Втората индиција која ја имаме е дека македонски пасош поседува Стефан Џукиќ, кој е осомничен за обид за убиство, на еден од водачите на така наречениот кавачки клан. Обидот за убиство се случил во Киев, Украина, а името е Радовоје Звицер. Стефан Џукуќ имал македонски пасош на име Каче Герги. Значи човек кој медиумите го условуваат како платен убиец на кавачкиот клан, имал македонски пасош издаден од МВР. Прашањето е зошто овие пасоши, дел издадени уште во 2017 година се премолчувани се до отворање на аферата од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николоски.