Скопје

Делегација од Град Скопје во посета на Дрезден

Делегација на Градот Скопје, составена од градоначалникот Шилегов и тимот задолжен за спроведување на европскиот проект MAtchUP, изминатата недела оствари повеќедневна официјална повратна посета на збратимениот град Дрезден, СР Германија.

Тимот задолжен за спроведување на проектот MAtchUP е составен од поголем број вработени од градската администрација кои работат во областа на урбанизмот и енергетската ефикасност, како и директори на повеќе јавни претпријатија.

За време на посетата градоначалникот Шилегов оствари средба со градоначалникот на Дрезден, Дирк Хилберт (Dirk Hilbert) на која градоначалниците дискутираа за досегашната соработка помеѓу двата збратимени града, како и областите каде што може да се продлабочи истата.

– За време на посетата разговаравме за продлабочување на соработката и понатамошната размена на искуства со Дрезден во областа на противпожарната бригада и цивилната заштита. Значителна е и соработката од областа на културата, пред се, за апликацијата на Град Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година, ако се земе предвид дека Дрезден аплицира за истата титула за 2025 година – кажа по средбата градоначалникот Шилегов.

За време на повеќедневната посета делегацијата од Градот Скопје оствари средби со претставници на Градот Дрезден задолжени за повеќе области, како што се животната средина, јавниот транспорт, културата и противпожарната заштита.

Во рамки на посетата на Дрезден, делегацијата од Град Скопје присуствуваше и на работилници во рамки на европскиот проект MAtchUP, на кој присуствуваа и претставници од преостанатите градови кои се дел од овој проект. MAtchUP е проект за „паметен град“ (Smart City), кој вклучува три водечки градови Валенсија (Шпанија), Дрезден (Германија) и Анталија (Турција) и четири градови-следбеници Остенд (Белгија), Герција (Израел), Скопје и Керава (Финска). MAtchUP градовите ќе ги здружат силите за да ги преструктурираат своите социјални, економски и еколошки модели и да промовираат социјална инклузија, подобри услови за живеење и просперитет за своите граѓани. Во рамки на овој проект ќе се дизајнираат и имплементираат палета иновативни решенија од областа на енергетиката, мобилноста и ИКТ, кои ќе се користат како модел на урбанистички трансформации за други градови во Европа и пошироко. Целта е градовите да се стекнат со посветли решенија на располагање на нивните паметни заедници. Овие решенија ќе ги подобрат локалните економии и квалитетот на живот. Понатаму, ќе се користат и како модел за репликација во други градови и ќе доведат до урбана трансформација со активно учество на граѓани и други заинтересирани страни.

Овој проект е финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.

Посетата на Дрезден е возвратна посета. Во месец октомври годинава делегација од Дрезден, предводена од заменик-градоначалникот на Дрезден, задолжен за ред и безбедност, Детлеф Сител, го посетија Скопје и остварија поголем број официјални средби.

Скопје и Дрезден се збратимени градови од 1967 година и градовите имаат одлична соработка, пред се во областа на културата, образованието и противпожарната заштита.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток