Во свет на “еднаквост” некои групи на луѓе се поеднакви од останатите!
Дека Република Македонија не претставува сериозна држава која што се грижи за интересите на работничката класа, односно е дувло на политички опуртунисти и збирштина од етно-трибалисти, говорат секојдневните скандали поврзани со погрешните и штетни политики кои што ги превзема власта, се вели во соопштението од Обединети Работници.
Во продолжение на истото додаваат:
Токму таквите политики беа најдирекно вклучени во уништувањето на илјадници микро, мали и средни компании кои што нудеа стотици илјади работни места кои што во овој момент не постојат. Тоа беше сторено во името на “јавното здравје” и “општото добро”, но како одминува времето таквите празни зборови се повеќе губат на значење.
Последен од низата скандали кој што ја потресе целата јавност се однесува токму на власта која што изврши класично непочитување на мерките за заштита и превенција од заразни болести, мерки кои што уништија огромен број на човечки животи.
Токму власта, со давањето дозвола за физичко присуство во Собранието на нивната пратеничка заболена од ковид, го сруши целиот легитимитет на полицискиот час, забраната за групирање и сите останати мерки кои што беа пласирани како “добронамерни”. Покрај тоа, ваквите дејствија предизвикаа огорченост и револт кај сите граѓани кои што беа погодени од од политиките на власта.
Зошто беа жртвувани стотици илјади работни места изминативе 12 месеци кога сите ние гледаме дека за претставниците на владејачкото мнозинство во Собранието не се применуваат законите како и за работниците? Зошто функцијата “ПРАТЕНИК” се смета за привилегирана, а цел приватен сектор е под клуч, токму поради наводна грижа за општото здравје? Денес е направен опасен преседан кој што има потенцијал да предизвика огромен број на несакани ефекти во Република Македонија.
Движењето за социјална правда ,,Обединети работници” остро ги осудува овие постапки од страна на власта и апелира да престанат политичките игри за конечно да се стави фокусот на работниците и нивните права.
Работниците заслужуваат, работниците можат! Време е за обединување!