Пратеникот Елми Азири од Алијанса за Албанците денеска на прес-конференција изјави дека смета дека ова што се случило во Собранието е класична злоупотреба на функцијата претседател на законодавниот дом, како и на двајцата пратеници кои се заразени со коронавирусот.
Азири нагласи дека уште во четвртокот го известиле претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе присуствуваат на 32. седница и со нивна поддршка веднаш ќе прешле на 36. седница на чиј дневен ред беа законите од петтиот пакет економски мерки.
– Ние како албанска опозиција со нашите пратеници бевме присутни и во четврток на свиканата 32. седница, иако за време на Ифтар, точно во 19:20 часот, непочитувајќи ја определбата на одредени пратеници кон сопствените верски убедувања за пости, сепак дојдовме. Таа вечер преку заменик координаторот на нашата пратеничка група од собраниската говорница го повикавме претседателот на Собранието за да појдеме на гласање, да ги брои присутните пратеници на седницата во четврток. Со присутните пратениците од мнозинството и со помош на нашите пратеници, 32. седница би била завршена и би прешле веднаш на 36. седница во која се законите од петтиот пакет мерки, рече Азири, додавајќи дека претседателот на Собранието Талат Џафери ништо од тоа не зел предвид.
Според него, единствена цел на претседателот Џафери и мнозинството во Собранието е да се прави медиумско шоу.
– Еден факт е дека, мислам 19. точка на дневен ред, односно точката за антикорупциската стратегија и таа точка се гласаше со 73 пратеници, што е доказ дека денеска немало потреба од страна на претседателот да се малтретираат нашите колеги што се заразени со Ковид-19, додаде Азири.