Медиасет

ИРЛ:Богдановиќ ја фрли првата лопата на Водно и го отвори патот до плацевите на Камчев и Ексико

Минатата недела до соседството на улицата „Питу Гули“ стигна допис од општина Центар. Всушност, писмото стигна само до жител кој повеќе не престојува на таа адреса. Општината го известува дека градоначалникот Саша Богдановиќ на 7 април ставил потпис на дозвола за изградба на куќа на парцела во парк шумата Водно, над нивните домови. До куќата нема пат, но ако се изгради, овој пат ќе води до спорните парцели на озлогласениот офшор “Ексико” и фирмите на семејството Камчеви и Груевски, објави ИРЛ.МК. 

Дозволата е издадена на име на приватна фирма „Маркеза ДООЕЛ“ од Скопје. Соседите имаат право да се жалат во рок од 15 дена, по кој период инвеститорот ќе добие правосилно решение.

Сопственик на „Маркеза“ е извесен Филип Костиќ. Име кое не е познато во елитните кругови на бизнисмени. Неговиот имот е опкружен со парцели чии сопственици се фирмата „Ексико“, „Кара“ на Орце Камчев, „Манд Интернационал“ на бизнисменот и поранешниот кошаркар Пеце Наумовски. Но, Костиќ е првиот во ова друштво кому Богдановиќ го потпишал документот за градба.

Теренот до неговиот плац од 1.226 метри квадратни е непристапен. Се наоѓа во шумата и дотаму нема улица. За да се стигне до локацијата треба да се помине низ мала слепа уличка, а потоа пеш низ дрвјата кои наскоро ќе треба да се исечат за да влезе багерот на Костиќ.

Пред една година ИРЛ го постави истото прашање до општината. Дали до атрактивните плацеви ќе се гради пристапен пат? Тогаш добивме различен одговор.

„До наведените градежни парцели во ДУП-от предвидена е „Пристапна улица 5“, која се надоврзува на улица „Питу Гули 2“, напишаа во одговорот на прашање на ИРЛ, лани на 19 јули.

Криминален план со криминална реализација: Општината незаконски ја дала дозволата

Познатиот урбанист и универзитетски професор Мирослав Грчев без колебање вели дека ова е криминално дело.

„Противзаконски е и не може да се издаде градежна дозвола без сообраќаен пристап. Ако овој пат се изгради ќе треба да минува низ други имоти, од кои и дворови на луѓе кои со децении живеат овде и со петиции и протести се обидуваа со години да го заштитат ридот од вакви криминални активности. Ова е криминален план донесен во време на Владата на Никола Груевска и бара уште покриминална реализација. Дозволата за изградба на објект на планината Водно е напад врз темелните вредности на општествениот поредок. Единствено може да се сече за јавниот интерес, а не за приватни криминални интереси”, коментира Грчев.

На улицата „Питу Гули“ повеќе од шест децении живеат десетина семејства и низ годините успеваа да го одбранат ридот кој одамна го „меркаат“ функционери и богати бизнисмени и сакаат да живеат во височините над скопската котлина.

Гранит Таќи на улицата „Питу Гули“ живее веќе 57 години, од кои вели 30 години постојано некој се обидува да гради на земјиште кое не е предвидено за градење. Раскажува дека низ годините доаѓале амбасадори, политичари и разни големци, но секогаш се откажувале затоа што шумата не смее да се уништи.

Текстот во целост на: ИРЛ.МК. 

На почеток