Актуелно

Влада: Позитивниот тренд од 2017 година во извештајот на „Репортери без граници“ е показател дека состојбата со медиумите постојано се подобрува

Најважен индикатор во извештајот на „Репортери без граници“ е што за време на оваа Влада од 2017 имаме позитивен тренд, што не беше случај со минатата Влада. И тоа треба да ни биде показател дека состојбата со медиумите од 2017 постојано се подобрува, се вели во соопштението од Владата.

Во истото од Владата додаваат:

Иако ова охрабрува, во документот се посочени и случаи на притисоци врз новинари и медиуми, што Владата го зема сериозно предвид и со целиот капацитет ќе се насочи кон тоа вакви појави повеќе да нема.

Во оваа прилика сакаме да напоменеме дека Владата реагираше во случаи кога неколкумина претставници на институциите од извршната власт имаа непримерна комуникација со новинарите и за нивните постапки беа преземени соодветни мерки, а дел од нив беа отповикани од вршењето на функциите.

За мал дел од случаите беше побарана постапка од МВР, како во случајот со заканувачот кон две новинарки што институциите експресно го расчистија. Затоа го повторуваме апелот секој случај да биде пријавен во полиција и ова е најсигурниот и најбрзиот начин да се сузбие оваа појава.

Владата ќе продолжи и понатаму најенергично да реагира на појавите на закани кон медиумските работници, но треба да се има предвид и дека свој придонес за перцепцијата за слободата на медиумите, своја еднаква одговорност носат и сите други чинители како што се политичките партии и останатите фактори во општеството активни во сферата на јавните комуникации.

Во оваа насока, Владата ги повикува сите да бидат на висината на сопствената одговорност и да учествуваат во натамошното подобрување на состојбата и да го дадат својот придонес во нагорниот тренд на медиумските слободи во нашата земја. Го охрабруваме и обвинителството и судството побрзо да ги процесуираат случаите.

На почеток