Актуелно

Заев, Бектеши и Нуредини: Фотоволтаичната централа во Теново завршена пред рок, со засилено темпо ги зголемуваме инвестициите во обновливи извори

„Фотонапонската електро централа во Теново е со јачина од 1,2 мегавати и претставува уникатен пример на успешно спроведен проект по пат на премиуми кои ја штеди државата многу средства, носи приход за самиот инвеститор го подобрува имиџот на Општина Брвеница. Се имплементира на земјиште кое не се употребува за земјоделски култури и дава придонес во недостатокот на електрична енергија во нашата земја, а остваривме приход од 3 милиони евра директно при самата лицитација на постапките“, изјави премиерот Зоран Заев на промоција на официјалниот почеток на фотонапонската централа во Теново, Општина Брвеница и најави дека во постапка е и изградбата на нови фотонапонски централи со преку 60 мегавати моќност по примерот на премиум тарифи.

Се работи за една од вкупно 27 централи кои склучија договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во приватна сопственост, за што јавниот повик беше објавен во 2019 година.

Премиерот Заев истакна дека постепено се менува производството на електрична енергија од јаглен со производство на електрична енергија од обновливи извори и дека меѓу приоритетите годинава се важните енергетски проекти кои се очекува да ја раздвижат економијата.

„Успешно заврши и постапката за изградба на две фотонапонски електрани во Осломеј, со моќност од по 50 MW, преку модел на Јавно–приватно партнерство. Благодарение на транспарентната и конкурентна постапка, на одржаната аукција, најповолните понудувачи на ЕСМ, ќе му исплатат 18,5% и 18% од остварениот приход од продажба на електрична енергија. Дополнително изградбата на фотонапонската електрана на Осломеј од 10 MW, која е сопствена инвестиција на ЕСМ, веќе е во крајна фаза и пред почеток на градба. Меѓу приоритетите годинава е и хидроелектраната Чебрен, за која минатата година се појавија неколку заинтересирани инвеститори. Помина првата фаза на селекција од понудите на Чебрен, десет компании беа понудени, девет ја поминаа првата фаза со нивниот капацитет и подготвеност да градат еден мега проект вреден помеѓу 600 и 800 милиони евра со над 300, 330 мега-вати. Истовремено, определивме 477 хектари од порано проектираниот аеродром во Општина Штип да бидат наменети за фотоволтаици каде има можност за 300-350 мегавати. Определивме и локации за повеќе од 120 мегавати во Битола на старите јагленокопи на РЕК Битола и 100 мегавати во Кавадарци како потенцијали за инвестирање. Со ова Северна Македонија е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1% и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто“, информираше премиерот Заев и упати честитки за инвестицијата токму денеска кога е и меѓународниот Ден на планетата земја.

„Уште еднаш честитки за инвестицијата, а Владата останува посветена на имплементирањето на реформите во енергетскиот сектор. Денес е и меѓународниот Ден на планетата земја и оттука уште еднаш испраќаме заедничка порака за грижа на нашата земја од која црпиме енергија. Грижејќи се за животна средна, се грижиме и за себе“, заклучи премиерот Заев.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека ако претходно државата преку фидинг тарифите плаќаше минимум 120 евра гарантирана цена, сега тоа е двојно намалено што значи дека влијае на крајната цена на потрошувачите односно граѓаните и индустријата.

„Се работи за една важна инвестиција во нашата држава. Во континуитет се градат централи и на другите локации и до крајот на оваа година ќе имаме над десет изградени на приватно земјиште во Северна Македонија. Ако ги додадеме и фотонапонските централи кои што се градат на државно земјиште за две години ќе имаме вкупна инсталирана моќност од над 60 мегавати што значи дека за три години инсталираниот капацитет ќе биде за три пати поголем до 2017 година, кога не надминуваше повеќе од 20 мегавати. Со ова покажуваме дека ги поттикнуваме сите инвестиции во делот на обновливи извори на енергија, го зголемуваме капацитетот за производство на електрична енергија на домашниот пазар и ја намалуваме зависноста од увоз на струја. Но не застануваме тука. Заедно со нашите државни и јавни претпријатија и согласно Законот за стратешки инвестиции се подготвуваат инвестиции кои ќе ја надминат инсталираната моќ од 300 мегавати во нашата држава само од фотонапонски централи“, рече министерот Бектеши и ги повика сите заинтересирани инвеститори да ги следат јавните повици од Министерството за економија и од Владата, бидејќи, како што рече, за кратко време ќе бидат објавени дополнителни повици со цел да се изградат што повеќе вакви инвестиции.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини посочи дека фактот што денеска сме на отворање на фотонапонска централа, на 22 април, денот на планетата Земја, ја испраќа вистинската порака за тоа како треба да се грижиме за нашата планета.

„Оваа централа, која е обновлив извор на енергија, изградена како дел од повикот на Министерството за економија, на приватно земјиште, од приватен инвеститор, е практичен пример на конкретно остварување на политиките на нашата Влада, за одржлив развој и здрава животна средина.

Ние денес тука гледаме како со вистинскиот стимул, приватниот сектор може да ни биде партнер во стратешките определби за остварување на зелената агенда“, кажа Нуредини и додаде дека се работи и на други сегменти на заштита на животната средина во полошкиот регион.

„Министерството за животна средина во фаза на одобрување во рамки на ИПА програмата има проект за изградба на пречистителната станица за третман на отпадни води и надградба на канализационата мрежа во Општина Тетово во вредност од преку 30 милиони евра, за кои договорите за градба се планира да се склучат до крајот на годинава. Во моментов веќе се имплементираат брзите мерки за санација на депонијата Русино, меѓу кои дел е и собирањето на исцедокот кој ја загадуваше околната почва до сега. Понатаму, со оглед на тоа што еден од приоритетите на оваа Влада е чиста вода за пиење за секој граѓанин, како и соодветно управување и прочистување на водите, Министерството за животна средина е во фаза на аплицирање за нови 50.000.000 евра од Европската инвестициона банка за финансирање на реализацијата на приоритетни инвестиции за водоснабдителни и канализациони системи на територијата на земјата. Најголемиот дел од општините веќе доставија проекти, а секако проектите за оваа намена во Полошкиот Регион се едни од приоритетните“, истакна Нуредини.

Владе Пазарџиевски управител на „Енерго Р ДООЕ“ рече дека е горд што централите се добар пример и поттик за нови инвестиции во „зелена енергија“, како на фирмите така и на Владата.

„Оваа централа е дел од триделниот фотоволтаичен парк, со вкупна електроенергетска моќност од 2200kw, при што се вградени вкупно 6.170 панели, со различен капацитет и три трафостаници. Трите централи ќе дадат вкупно производство ориентационо 3,1 гигават часови, што би ја задоволило потрошувачката на електричната енергија на приближно 450 домаќинства. Трите централи се изградени на вкупна површина од 20.000 м2, на неплодно и некорисно земјиште, кое е откупено од државата, со вкупната вредност од 1, 6 милиони евра за овој фотоволтаичен парк”, изјави Пазарџиевски.

Фото: Влада

На почеток