Со затоплувањето на времето се зголемува и атрактивноста на популарните излетнички места во и околу Скопје. Градскиот парк, Водно и другите дестинации за прошетка на граѓаните стануваат омилени локации кои речиси секој викенд се преполни со посетители. Исто така, овој период, бидејќи не работат угостителските објекти, популарните скопски излетнички места се со значително зголемен број на посетители, а со тоа се зголемува и количеството на отпад на јавните отворени простори.
Иако сите локации се опремени со неопходниот број на корпи за отпад и редовно се чистат, сепак понекогаш поради големата фреквенција на посетители, тие корпи бргу се полнат, што резултира со отпад паднат и расфрлен околу веќе полните корпи, кој најчесто се состои од пластични шишиња, пластични чашки за сок или хартиени чаши за кафе.
Со цел да направиме разлика и заеднички да придонесеме за почиста средина за нас и за нашите деца, Градот Скопје спроведува кампања „Колку помало, толку почисто“.
Пред да го фрлите, најпрво убаво исцедете го шишето или чашката што сте ја користеле. На овој начин корпите не се полнат со течности. Потоа, едноставно згмечете го и тогаш фрлете го во корпата за отпад. На овој начин, во корпата останува повеќе слободен простор што значи многу помалку отпад расфрлен околу неа.
Само доколку заеднички ја подигнеме свеста за нашата околина, можеме да направиме разлика. Затоа, да бидеме совесни и одговорни и да го одржуваме Скопје чисто.