Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на делницата Јажинце-Тетово-Гостивар-Дебар, а во текот на вчерашниот ден (24.04) санкционирани се 171 возачи поради возење со брзина поголема од дозволената, од кои 12 се движеле со брзина од над 70 километри на час над дозволената брзина, а 51 со брзина над 50 километри на час над дозволената брзина. Санкционирани се и 20 возачи поради непрописно престигнување.
Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови, а евидентно е намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди во периодот кога овие контроли се спроведуваат. Како резултат на преземените мерки, намален е бројот на жртви во сообраќајни незгоди, 2020 година е година со најмал број на жртви (125). И во текот на 2021 година продолжува трендот на намалување на бројот на сообраќајни незгоди, како и бројот на жртви. Во периодот од 1 јануари до 15 април 2021 година бројот на сообраќајни незгоди е намален за 12 отсто во однос на истиот период лани, а бројот на жртви е намален за 14 отсто.