Македонија

Николовки: Со Законот за потекло на имот воведуваме контрола на капиталот, го отвораме патот за конфискација на нелегално стекнат имот

Формираната работна група започнува со подготовка на Законот за потекло на имот, што за прв пат се воведува во нашата држава и со кој го отвораме патот за конфискација на нелегално стекнат имот, спречуваме оштетување на буџетот и незаконско богатење врз грбот на граѓаните, вели заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во интервјуто за магазинот „Капитал“. Работната група е формирана од меѓународни и домашни експерти, како и претставници од сите релевантни институции ДКСК, УЈП, Управата за разузнување, МВР, Јавното Обвинителство, Финансиската полиција,Царинската Управа.

Вицепремиерот Николовски во интервјуто вели дека со поддршка на Советот на Европа веќе е подготвена студијата за потребата од изработка на Закон за потекло на имот.

„За прв пат добиваме Закон за потекло на имот, со што ќе се овозможи да се испитува како одредено лице го стекнало имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни одданочени приходи. Законот ќе ги опфати не само избраните и именувани лица, туку и сите граѓани. Конкретно, секој треба да докаже на кој начин го стекнал имотот и капиталот, доколку тоа ги надминува редовните одданочени примања. Ќе се проверува и имотот на поранешните функционери, бидејки честопати избраните и именувани функционери имотот стекнат за време на мандатот го ставаат на туѓо име, на член од семејството или пријател, а по завршувањето на мандатот го впишуваат на свое име“, вели вицепремиерот Николовски.

Дополнително во истиот контекст, како што посочува вицепремиерот Николовски во интервјуто, се планира нова мерка со која се проширува опфатот на лица од администрацијата кои ќе имаат законска обврска да поднесуваат анкетни листови за имотна состојба и изјави за судир на интереси т.е сопственичка структура, акции и удели во трговски друштва.

„Оваа обврска ќе важи не само како досега за фунционерите, туку и за службени лица вработени во јавниот сектор со посебни овластувања, инспекторите, царински службеници и сите раководни административни службеници. Недозволиво е едно раководно лице во администрација да биде и на таа позиција и паралалено да има консултнстно друштво, а тоа да не го пријавува никаде“, рече вицепремиерот Николовски, при тоа додаде дека во насока на проверка на имотот и капиталот, веќе е во функција уште една алатка, Регистарот на вистински сопственици, за што рокот за впишување на правните субјекти заврши на 27-ми април. Во рамки на законскиот рок својата обврска навремено ја завршиле 69.284 субјекти, односно близу 90% од субјектите кои се обврзани да поднесуваат пријави. Преку овој регистар, чиишто информации се јавно достапни, секој може на едноставен начин, да добие информација за тоа кои се вистинските сопственици на некој правен субјект, но и да провери дали и каде сѐ, некое конкретно лице се јавува како вистински сопственик.

На почеток