Екипите на Град Скопје влегоа во завршна фаза од изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, кој изминативе месеци прерасна од улица со две ленти во современо булеварско решение со шест сообраќајни ленти и комплетна инфраструктура.
Во текот на следната седмица се очекува да биде целосно завршен и пуштен во употреба. Со тоа Скопје добива целосно нов булевар со вкупна должина од околу 1700 метри, ширина од 40 метри, со 6 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки од двете страни, а предвидено е и средишно и странично зеленило со прекрасни дрвореди од двете страни и ново улично осветлување, по целата должина од бул. Словенија до бул. Христијан Тодоровски Карпош.
Булеварот Босна и Херцеговина е дел од секундарниот северен прстен и како таков претставува важна и исклучително фреквентна сообраќајница во овој дел од градот. Булеварот се протега од крстосницата со улицата Македонско-косовска бригада до крстосницата со бул Христијан Тодоровски Карпош. Заедно со булевар Словенија ги поврзува граѓаните на општините Шуто Оризари, Карпош, Чаир, Бутел и Железара со преостанатиот дел од градот, додека со булеварот Христијан Тодоровски Карпош претставува брз излез на скопската обиколница.