Македонија

Одбраната на Јанева: На голи претпоставки, без јасни докази не може да се заснова пресуда од седум години казна затвор

На голи претпоставки, без јасни докази не може да се заснова пресуда од седум години казна затвор. Обвинителството не го докажа делото кое и се става на товар на Катица Јанева, наведе нејзината одбрана, образложувајќи ја жалбата пред Апелациониот суд.

Поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба, одбраната бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде целосно укината или случајот да биде вратен на повторно судење.

Адвокатот Дељо Кадиев, образложувајќи ја жалбата, рече дека навистина има голем број суштествени повреди на постапката за овој случај и затоа една третина од жалбата се однесува на тоа.

Јавниот обвинител, посочи Кадиев, транскриптите од разговорите ги дава со свои вметнати мислења и Судот такви и ги прифаќа.

-Се влијаело, затоа што обвинителството во загради ставало свои мислења, кои се цитирани потоа и во самата пресуда, изјави Кадиев.

Во однос на исказот на сведокот Орце Камчев, Кадиев рече дека, многу делови не соодветствуваат.

– ЈО во завршен збор изврши допрецизирање и измена на обвинението, во однос на враќањето на патната исправа. Ние треба да бидеме прашани за вина и да ни биде дозволено да се произнесеме по тоа, а тоа не беше направено, рече Кадиев.

Повреда на правото на одбраната, посочи Кадиев, е што не ни беа дадени сите докази.

Адвокатката Ирена Фрчковска, рече дека, целосно погрешно е утврдена фактичката состојба за овој предмет.

– Како може некој со едно или две сторени дејствија да прекрши 93 одредби и тоа општо наведени, без да се образложи. Во што се состои злоупотребата на Јанева во однос на Орце Камчев. Дали видовме доказ дека Јанева зела парични средства и тие биле поврзани со Камче – не, такви докази не видовме, рече Фрчковска.

Зошто ако Катица Јанева барала пари, рече Фрчковска, тоа не било пријавено во надлежни органи и со ПИ мерки бидат обезбедни докази за тоа.

– Обвинителството не направи напори да ги достави трансакциите за повлечените пари. Обвинетите ги брани презумцијата на невиност, а Обвинителството треба да поднесе докази. За Катица Јанева, нема докази. Седум години казна затвор за незаконски снимки и изјави на сведоци кои сакаат да се спасат од закон, изјави Фрчковска.

 

На почеток