На што се заснова оваа пресуда – на докази или индиции, дали имаме фер постапка и дали може ваква пресуда да се заснова само на исказ на двајца сведоци Орце и Ана Камчева. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски, наведе адвокатот Сашко Дуковски, образложувајќи ја жалбата на Бојан Јовановски пред Апелациониот суд.
Поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба, одбраната бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде укината или случајот да биде вратен на повторно судење.
-Ако ја погледнете пресудата, ќе видите дека не може за сите сведоци да се зема само делот што одговара на обвинителството, а за се останато се вели дека е кажано за да му помогне на обвинетиот, рече Дуковски.
Во однос на сведокот Орце Камчев, Дуковски рече дека е незамисливо човек што дал милион евра да нема статус на оштено лице.
-На кој доказ се заснова оваа пресуда. Нема никакво вештачење на електронски уред за овој случај, а особено мобилниот на Јовановски, рече Дуковски, нагласувајќи дека иако барале како одбрана, не им било дозволено вештачење на тој мобилен.
Тој посочи дека Орце Камчев е сопственик на Стопанска банка Битола, која е регистрирана за менувачка работа, и чудно е зошто Обвинителството го прифаќа исказот на Орце Камчев дека ги заменил еден милион евра во менувачницата Бела, без да приложи потврда за извршената размена.
Целото ова незаконито водење на постапка и продолжувње на притворот, нагласи Дуковски, предизвика сериозни здравствени последици врз Јовановски, за што ќе бидат доставени материјални докази.
Бојан Јовановски од Основниот кривичен суд е осуден на девет години казна затвор за случајот „Рекет“, дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.