Македонија

Возачите дрски кога ќе бидат фатени на радар, полицијата со пет пати повеќе казни од лани

Новите радари кои ги користи СВР Скопје од оваа година работат на систем на ГПС и се мрежно поврзани. Ниту еден возач што ќе биде уловен на радар не може да избегне и да не ја плати казната. Тоа значи дека секој полицаец кога го користи радарот има посебна шифра, а со тоа и одговорност, и ако не напише казна, тогаш полицаецот одговара. Новите радари имаат домет и до 1,5 километар и зумираат. Ласерот се насочува кон возилото и ја мери брзината. Возачот може и во место да сопре, но тоа е џабе, бидејќи веќе е фатен и снимен на радар. На снимката се гледаат возилото, регистарските таблици, брзината, датумот и часот и снимката потоа е доказ на суд,

„Не возев брзо, оваа фотографија на радарот не е мојот автомобил. Не смеете да ме казните. Ова намерно ми го правите бидејќи видовте дека имам странски таблици. Ова нема да ви помине, ќе видите!“. На овој начин, дрско и со заканувачки тон, им се обраќаше возачот на сообраќајците откако радарот измери дека вози со брзина поголема од дозволената.

„Ова е секојдневно, ретки се тие возачи што признаваат дека погрешиле. Веднаш почнуваат со навреди, со закани, како на пример ‘ќе видиш ти кој сум јас, ќе останеш без работа’ и слично. Но ние мора да си ја завршиме работата, па потоа нека докажуваат на суд дали погрешиле или не. Има и такви што се обидуваат да кренат рака на полицаец или се закануваат по живот, и на тие лица им пишуваме и казна од законот на јавен ред и мир за навреда и омаловажување полицаец, а глобата изнесува од 600 до 800 евра во денарска противвредност“, вели еден од сообраќајците со кои екипата на МКД.мк беше во сообраќајна патрола на прометниот булевар Србија, каде што пред само две недели беше прегазена баба, а нејзината 3-годишна внука беше тешко повредена.

Се уверивме дека и по трагичната сообраќајка, повеќето возачи не внимаваат на брзината.

„Секојдневно има наша патрола на ова место. Гледате дека никој не прикочува пред пешачкиот премин, сообраќајната култура ни е на многу ниско ниво. Ги казнуваме возачите што ќе ги фатиме на радар, но не можеме да бидеме 24 часа на едно место. Возачите, но и пешаците, мора да знаат дека не смеат да предизвикуваат опасност и мора да внимаваат“, вели сообраќаецот.

Возењето во главниот град наликува на вистинско бојно поле. Сите сме сведоци на агресивни возачи, поминување на црвено светло, непочитување на дозволената брзина, несовесни пешаци и бесни мотоциклисти. Речиси секојдневно на улиците во Скопје се случуваат по неколку сообраќајни несреќи со жртви. Само вчера во Скопје загина 58-годишен возач во судир со друго возило, пешак беше прегазен од автомобил, а пред неколку дена поради голема брзина на движење загина 18-годишен возач.

Според податоците на СВР Скопје, во првите девет месеци годинава се случиле 2.334 сообраќајни несреќи. Во истиот период минатата година се случиле 2.361 сообраќајка. Годинава во населбите во Скопје се случиле 2.040 сообраќајки, а на отворен пат 294. Во сообраќајките годинава и минатата година загинале по 19 лица. На улиците во Скопје годинава до 1 септември загинале шест пешаци, двајца велосипедисти, двајца мотоциклисти, осум возачи и тројца сопатници.

Марјан Митревски, главен инспектор и помошник началник во Одделението за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје, вели дека по смената на раководството во СВР Скопје се набавени новите софистицирани радари и дрегери и поради тоа е подобрена состојбата во сообраќајот и работењето.

„Состојбата со контролите е подобрена, но културата на возачите и пешаците во сообраќајот како да не се поправа. Имаме засилени контроли и се казнуваат несовесните возачи на возила и мотоцикли и пешаците. Во првите осум месеци од годинава заклучно до први септември, сообраќајната полиција извршила вкупно 54.186 контроли во сообраќајот, или два пати повеќе од истиот период лани, кога биле извршени само 26.480 контроли. СВР Скопје само за два месеци, поточно од април до јуни, реализирала вкупно 21.209 мандатни патни налози, или четири пати повеќе од истиот период лани, кога имало само 5.802“, вели Митревски.

СВР Скопје во првите осум месеци од годинава, заклучно до 1 септември, фатила 4.501 возач за брзо возење. Во истиот период лани во Скопје за брзо возење биле казнети само 722 возачи. Ова значи дека годинава полицијата има зачестени контроли во сообраќајот осум пати повеќе од лани.

„Имаме подобрување кај брзината, во последно време возачите повеќе го почитуваат ограничувањето. Откако ги имаме новите радари што работат на систем на ГПС и се мрежно поврзани, ниту еден возач што ќе биде уловен на радар нема да може да не ја плати казната. Тоа значи дека секој полицаец кога го користи радарот има посебна шифра, а со тоа и одговорност, и ако не напише казна, тогаш полицаецот ќе одговара. Новите радари имаат домет и до 1,5 километар и зумираат. Ласерот се насочува кон возилото и ја мери брзината. Возачот може и во место да сопре, но тоа е џабе, бидејќи веќе е фатен на радар. Откако го сопираме, му ја покажуваме снимката на возачот на која се гледаат возилото, регистарските таблици, брзината, датумот и часот. Таа снимка потоа е доказ на суд“, вели Митровски.

Додава дека возачите се закануваат, бараат врски за да се „скине“ казната, но попусто.

„Им велиме дека може да се јават каде сакаат, но ние имаме снимка и мора да се напише казна. Ова снимка не може ниту да се избрише, ниту да се скине. Поради тоа, речиси 99 проценти од напишаните казни за брзо возење се реализираат, односно возачите си ја платиле казната. Нема врски, нема кинење, нема пуштање“, вели Митровски.

Според законот за безбедност во патниот сообраќај со 300 евра во денарска противвредност и 50 негативни бода ќе се казни возач што во населено место се движи со брзина поголема од 30 до 50 километри на час над дозволената брзина. Покрај глобата, на возачот ќе му се изрече и забрана на управување на моторно возило од три до 12 месеци, под услови и начин утврдени со закон. Со 45 евра во мандатна постапка и 25 негативни бода ќе се казни возач што во населено место се движи со брзина поголема од 10 до 30 километри на час од дозволената.

Казна од 10 евра и 10 негативни поени за возач што во населено место се движи со брзина поголема до 10 километри на час над дозволената брзина.

Ако возачот направи 100 негативни поени во возачката книшка, трајно му се одзема возачката дозвола и две години нема право да полага, а откако повторно ќе положи, две години ќе биде возач-почетник.

Сообраќајната полиција на СВР Скопје во првите осум месеци годинава фатила 1.525 возачи што пијани седнале зад воланот, или десет пати поголем број од истиот период лани, кога полицијата санкционирала само 158 пијани возачи. Новите дрегери што ги користи полицијата го покажуваат бројот на направените алкотестови.

„Новите дрегери го покажуваат бројот на алкотестирања и на тој начин имаме евиденција за точната бројка и нема ургенции. Тоа значи кога сообраќаецот во патрола на десет возачи ќе им даде да дуваат во дрегер, а кај петмина ќе бидат измерени над 0,50 промили алкохол, тогаш мора да бидат преземени мерки за тие петмина, односно да им биде напишана казна, па поради тоа, не може да се скрие. Во дрегерот се запишани датумот, часот и името и презимето на возачот и промилите алкохол. Овие дрегери имаат и амбиентално мерење, тоа значи можат да мерат во автомобилот. На пример, ако во автомобилот има само еден возач, полицаецот го става дрегерот во возилото и за нецели три секунди покажува дали има или нема алкохол. Ако има алкохол, и возачот ќе дува“, вели Митревски.

Според законот за безбедност во патниот сообраќај, со 225 евра во денарска противвредност и 40 негативни поени ќе се казни возачот кај кој се измерени од 0,51 до 1 промил алкохол во крвта, а ќе му биде изречена и забрана за управување на моторно возило од три до шест месеци. 275 евра, 50 негативни поени и забрана за возење од шест до девет месеци е казната ако кај возачот се утврди присуство од 1,01 до 1,50 промили алкохол. Со глоба од 325 евра и 55 негативни поени и забрана за возење од девет до 12 месеци ќе се казни возачот што биде фатен дека управува автомобил со алкохол во крвта од 1,51 до 2,00 промили. Со 375 евра и 60 негативни бода ќе се казни возачот кај кого ќе се измерат повеќе од 2,01 промили алкохол во крвта, како и забрана за управување со моторно возило од 12 месеца.

мкд.мк

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток