Скопје

Детали за убиството во Бутел – биле испукани 80 куршуми од возило марка „Ренџ Ровер“

Камер Идризи, роден во 1978 година, е лицето кое синоќа загина во престрелката во скопски „Бутел“, дознава „А1он“ од доброупатени полициски извори. Идризи е лице познато за полицијата. Според истрагата во престрелката тешко е ранет и неговиот внук.

Информациите се дека кон лицата биле испукани дури 80 куршуми, од возило марка „Ренџ Ровер“.

Идризи и генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири / Фото: Фејсбук

„Во СВР Скопје околу 22 часот пријавено е пукање од возило кон друго пмв ‘голф’ на раскрсницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“, одосно на паркингот. Во возилото ‘голф’ во кој било пукано, биле две машки лица, од кои едно им подлегнало на повредите во Клинички Центар. Увидна екипа на терен се работи на расчистување на случајот“, изјавија од МВР за „А1он“.

Идризи и градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски / Фото: Фејсбук

Идризи беше едно од лицата врз кое беше пукано во хотелот „Александар Палас“ во 2019 година. Како што тогаш беше објавено, напаѓачите биле вооружени со автоматско оружје и имале фантомки на главите, а поголеми последици врз нападнатите спречил полицаец во цивил кој во тој момент седел на истата маса со нападнатите и пукал кон напаѓачите во самоодбрана. Нападнатата група беше од Грчец, скопско.

Повеќе детали за вчерашната пресметка се очекува МВР да обелодени во текот на денов.

На почеток