Македонија

(ФОТО) Шокантно, фекалии завршувале во Охридско Езеро

Во Охрид се рушат дивоградбите кои со години се поставени на плажите. Охрид, втора недела по ред, од Метропол до Пештани ги руши бетонските градби, каде до минатата година, се извршуваа услужни дејности спротивно на законите. Меѓу останатото, беа пронајдени и канализациски цевки, преку кои од импровизираните шанкови и тоалети, отпадните води завршувале во Охридското Езеро. Пластичните цевки биле откриени откако бил отстранет дел од бетонот и започнало уредувањето. Неофицијално, станува збор за плажата „Немо“, чие уривање се реализираше минатата година, а сега се средува.

По уривањето, Општина Охрид работи и на средување на местата во пресрет на летната сезона. Градежна механизација во наредниот период ќе го собира и шутот кој е направен по уривањето на бетонските дивоградби. Досега, плажата „Горица 3“ е целосно исчистена, а од утре, јавното претпријатие „Охридски комуналец“ ќе почне со хортикултурно уредување на просторот. Со овие активности, се исполнуваат дел од препораките на УНЕСКО, а со цел, да се стави крај на урбаното дивеење.

Активностите за уривање ќе ги опфатат физичките или правните лица кои имаат добиено решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на Општина Охрид. За разлика од минатата година, сега средствата во износ од шест милиони денари се обезбедени од Владата.

На почеток