Македонија

Обвинителството бара Мицкоски да достави докази дека е направен фалсификат со известувањето за РЕК „Битола“

Доколку некој има докази дека е направен фалсификат во известувањето за случајот со РЕК „Битола“, потребно е тие докази да ги достави до Обвинителството, велат од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со вчерашните наводи што ги изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на брифинг со новинарите, објави 360stepeni.mk.

Во случајот со наводниот рекет во врска со тендер за ископ на јаглен, Мицкоски вчера рече дека постојат две верзии на известувањето што Бирото за јавна безбедност (БЈБ) го доставило до Обвинителството – во една верзија се споменува лицето Вице Н., додека во втората тој дел е изоставен. За ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ прстот го впери кон тогашниот втор човек во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Лазе Велковски.

Од Обвинителството, пак, не сакаат да ги коментираат неговите изјави, но порачуваат дека ако некој има докази тогаш тие треба да бидат доставени до нив.

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како и во досегашната практика, нема да коментира изјави на лидери на политички партии или други институции. Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постапува по Известувањето за кое покажувате интерес во онаа форма во која го добил во работа. Доколку некој поседува докази дека известувањето имало поинаква содржина при неговото изготвување, а потоа се направени содржински измени што би значеле извршување на кривично дело фалсификување, како и времето кога тоа е извршено, потребно е тие докази да ги достави до надлежното обвинителство“, велат од Обвинителството.

Текстот во целост на: 360stepeni.mk.

На почеток