Свет

Путин пристигна во Женева на историската средба со Бајден, Песков вели дека е во конструктивно расположение

Денеска во Женева ќе се одржи историска средба меѓу рускиот претседател, Владимир Путин и американскиот претседател, Џо Бајден. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред почетокот на состанокот изјави дека рускиот претседател, Владимир Путин, пристигнува во конструктивно расположение.

„Имаме куп заостанати прашања што треба да се решат, затоа претседателот Путин доаѓа во конструктивен дух на отвореност, со намера да покрене прашања и да се обиде да најде решенија“, рече Песков.

Според руските медиуми, авионот на рускиот лидер во Женева слетал во очекуваното време.

Путин и неговата придружба пристигнуваат на местото на самитот во вила Ла Гранж, по што ќе следи Бајден и неговиот тим. Швајцарскиот претседател, Гај Пармелин, ќе ги поздрави двајцата лидери.

Тројцата ќе поминат неколку минути заедно пред камерите, но се очекува само Пармелин да даде изјава за медиумите, посочил висок функционер на администрацијата.

АП наведува дека Бајден и Путин најпрво ќе одржат релативно интимна средба, на која ќе и се придружат американскиот државен секретар, Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Секоја страна ќе има преведувач.

Средбата, придружена со големи очекувања, ќе се одржи во попладневните часови и според најавите на двете страни, ќе трае најмалку пет часа.

извор: МАКФАКС 

На почеток