Македонија

Голема неизвесност на Советот за општи работи на ЕУ, на повидок три сценарија за земјава

Голема неизвесност за Северна Македонија му претходи на денешното заседавање на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембруг. Во фокусот на домашниот интерес е дали ќе се стопи бугарската блокада за почеток на македонските преговори со ЕУ. Надежите се сведени на минимум, иако не се целосно исклучени. Премиерот Зоран Заев во повеќе наврати посочи дека не сака да ги крева очекувањата на граѓаните, за да се избегне ново разочарување, објави dw.com. 

Во експертските кругови со внимание ги анализираат сите сигнали. Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) смета дека на овонеделните состаноци на Советот на ЕУ се веројатни три сценарија во однос на точката проширување и Северна Македонија.

„Прво, постои можност проширувањето воопшто да не биде ставено како точка на агендата, со оглед на бугарската позиција и ќорсокакот од декемврискиот ЕУ- самит. Второ, можно е на Советот да се постави точката, како што се последните најави, но да биде од информативен карактер и да нема заклучоци. Трето, бидејќи претседателството работеше доста на ова прашање, можно е да инсистира на изјаснување на државите членки, но ова според мене е помалку веројатно. Од последните најави ситуацијата е неизвесна и усогласувањето на заклучоците ќе биде повторно тешко“, вели Кацарска.

Португалија како претседавач со Советот на ЕУ во мај поднесе и конкретен предлог до Софија и Скопје, со цел да се дојде до компромисно решение. Македонските власти португалскиот предлог го оценија како добра појдовна основа за решение, но такви оценки не стигнаа од Софија. Бугарското Министерство за надворешни работи на 16-ти јуни објави дека Владата го одобрила ставот во однос на европската перспектива на РСМ, со кој земјата ќе учествува на состанокот на Советот за општи работи на 22-ри јуни во Луксембург.

 

Текстот во целост на: dw.com. 

На почеток