Снимки од италијански затворски чувари кои жестоко тепаат затвореници со палки и тупаници по минатогодишните протести во врска со пандемијата на коронавирус, ја шокираа Италија. Претепувањето се случило на 6 април 2020 година, во затворот Санта Марија Капуа Ветере, северно од Неапол, а снимките од надзорните камери беа објавени во средата од дневниот весник „Домани“.
Снимката предизвика осуда од дел од политичките кругови, но и изрази на поддршка за чуварите.
Министерката за правда, Марта Картабија, рече дека ваквите постапки го нарушуваат достоинството на затворениците, но и униформата што секој вработен во затворот, маж и жена, треба да ја носи со гордост и повика на темелна анализа на настаните.
Државното обвинителство лани започна истрага откако беа покренати тужби за насилство од затворските стражари, ден по протестот предизвикан од информација за позитивен случај на Ковид-19 меѓу затворениците.
52 вработени во затворот се уапсени оваа недела или се известени за судска постапка против нив под сомнение за тортура, насилство и злоупотреба на моќ. Истрагата опфаќa повеќе од 110 лица.