Македонија

Заев од Охрид: Активностите и грижата за Охридскиот Регион се за да го зачуваме непроценливото богатство верификувано од УНЕСКО за идните генерации

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и градоначалникот на Општина Охрид Костадин Георгиевски денеска извршија увид во активностите на комуналните служби преземени за исполнување на препораките на УНЕСКО и на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, во делот на уредување и управување со крајбрежјето.

„Денеска сме тука за да ја посведочиме сериозната посветеност на Општина Охрид во исполнување на препораките на УНЕСКО и на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, во делот на уредување и управување со крајбрежјето. Тоа е веќе сосема видливо на терен. Општина Охрид, со силна поддршка на сите надлежни институции од централната власт, покажа волја, капацитет и подготвеност за спроведување на нејзините обврски за отстранување на бесправните градби на плажите. Во тек е процес со кој се става крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас“, истакна Премиерот Зоран Заев и додаде:

„Дозволете ми јасно да потенцирам. Општина Охрид за овие активности ја има и ја добива целата поддршка и асистенција. Продолжуваме неуморно да работиме за интересите на Охрид како културен и туристички центар и да го зачуваме непроценливото богатство за идните генерации. Охрид и целиот Охридски Регион е туристичка атракција и заради печатот на УНЕСКО. Независно од тоа каква ќе биде одлуката на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО во однос на статусот на заштитено подрачје кој го поседува Охридскиот Регион, ние цврсто стоиме на ставот дека нашата определеност за регулирање на овие состојби е непоколеблива и целосна.

Да потсетам дека предлог-одлуката е базирана на Извештајот на УНЕСКО за состојбите до јануари 2020 година, а ние од тогаш до денес постигнавме значителни резултати во насока на исполнување на сите препораки.

Освен препораките на УНЕСКО, зад нашите заложби стои законот, правото и прописите кои задолжително мора да се почитуваат.

Како дел од задачите понатаму, што произлегуваат од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, предвидени се активности што се неопходни за обезбедување на одржливиот развој на регионот и за зајакнување на институционалниот капацитет за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион“, истакна Заев.

Во придружба на премиерот беше и градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

На почеток