Кујната на плажата „Оревче“ во Охрид доби забрана да произведува храна, откако инспекторите утврдиле дека таа не е регистрирана во Агенцијата за храна и ветеринарство како оператор кој произведува храна. Од Агенцијата, одговарајќи на прашања од „Охрид 1“, велат дека објектот каде се произведувала храната не ги исполнувала минимално хигиенски-техничките услови за работа.
„Во рамки на вонредните контроли кои ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство во туристичките центри во земјава, во текот на вчерашниот ден, со контролите спроведени во Охридско- Струшкиот регион, извршена е контрола и кај правниот субјект кој стопанисува со угостителски објект на плажата Оревче во Охрид. Во моментот на контролата, утврдено е дека правниот субјект, спротивно на одредбите од член 48 став 2 од Законот за безбедност на храна, не е регистриран во Агенцијата како оператор со храна, за што му е изречена мерка забрана за вршење на дејност. Со контролата утврдено е и дека делот од објектот кој се користи како кујна, не ги исполнува минималните хигиенско-технички услови за работа, а операторот, место безбедна, користи техечничка вода во работењето“, велат од АХВ за „Охрид 1“.
Во ек на летната туристичка сезона, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат вонредни, засилени контроли на операторите со храна во туристичките центри во земјава.
„Со вонредните контроли во Охридско – Струшкиот регион опфатени беа 89 оператори со храна. За утврдените неусогласености ( најдена храна со поминат рок, лоши хигиено-технички услови, нерегистрирани оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство и др.), издадени се 15 наредби за отстранување на утврдените недоследности, изречени се две забрани за вршење на дејност, 22 мерки едукација на операторите, а изречени се и и 14 парични кзни. Како небезбедни, од страна на инспекциксите служби на Агенцијата, уништени се 203 килограми храна“, велат од АХВ.
Со спроведените вионредни инспекциски контроли на дваесеттина оператори со храна во Дојран, кај пет од контролираните оператори евидентирани се отстапувања во однос на HACCP плановите, отсуство или несоодветно означување на храната, особено на алергените и други неусогласености од помал обем.
„Изречени се 4 мерки за отстранување на утврдените неусогласености, 4 мерки едукација и 2 парични казни. Како небезбедни, во Дојран нештетно се уништени само 5,6 килограми храна. Во услови на зголемени температури, а со нив и зголемен ризик за расипување на храната, апелираме до граѓаните храна да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како потрошувачи да внимаваат и на означувањето на производите и каде и како истите се чуваат. Како одговорна институција за безбедноста на храната ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта [email protected]к“, додаваат оттаму.